![]() Жељко Штурановиќ. [Getty Images] |
Жељко Штурановиќ дојде на функцијата премиер на Црна Гора на 10-ти ноември 2006 година, два месеци откако коалицијата предводена од Демократската партија на социјалистите (ДПС) победи на парламентарните избори на 10-ти септември. Заменувајќи го водачот на ДПС Мило Ѓукановиќ, тој застана на чело на првата црногорска влада избрана откако оваа јадранска република официјално ја прогласи својата независност од Србија на 3-ти јуни.
Штурановиќ е роден на 31-ви јануари 1960 година во Никшиќ. Дипломирал на Правниот факултет во Подгорица во 1983 година и потоа се вработил во фабриката за челик во Никшиќ, како раководител на правниот сектор.
Во јануари 1993 година Штурановиќ беше избран за член на Граѓанскиот совет на Сојузниот парламент на Сојузна Република Југославија, која ја сочинуваа Србија и Црна Гора. По освојувањето на вториот мандат на изборите во ноември 1996 година, тој стана водач на парламентарната група на ДПС.
На предвремените црногорски парламентарни избори во април 2001 година, Штурановиќ беше избран за член на републичкото собрание. Во јули истата година тој беше назначен за министер за правда.
Член на претседателството на ДПС, тој беше министер за правда на почетокот од октомври 2006 година, кога Ѓукановиќ ја објави својата одлука да поднесе оставка од премиерската функција откако ја водеше својата земја до независноста во јуни, а потоа и неговата партија до победата на изборите во септември. ДПС го номинираше Штурановиќ за нов премиер.
При претставувањето на својата програма пред парламентот, Штурановиќ рече дека една од клучните задачи ќе биде градењето на добрососедските односи со сите земји во регионот, особено со Србија. Тој, исто така, ги наведе евроатланската интеграција, подобрувањето на животните стандарди на Црногорците и борбата против корупцијата, како главни приоритети.
„Целите на оваа нова влада ќе бидат да го продолжи патот на Црна Гора кон европската интеграција и да овозможи сите граѓани да се чувствуваат безбедно и да живеат подобро во својата земја, како и да можат да работат чесно за да си обезбедат добар живот за себе и за своите семејства“, рече Штурановиќ на 10-ти ноември, откако пратениците за изгласаа неговата влада на крајот од тридневната расправа.
Штурановиќ е женет и има две деца.