![]() |
На 16-ти јуни 2004-та година Генералниот секретар на ОН Кофи Анан го назначи Сорен Јесен-Петерсен за негов нов претставник и шеф на УНМИК. Тој го наследи Хари Холкери, кој поднесе оставка наведувајќи здравствени причини.
Јесен-Петерсен, Данец, беше помошник висок-претставник во штабот на УНХЦР во Женева од јануари 1998-та година до декември 2001-та година. Ги предводеше сите операции на УНХЦР, директно раководејќи со глобалните оддели на УНХЦР и отпочнувајќи над 80 мисиии на бројни канцеларии на теренот.
Од 1994-та година до 1998-та година, беше директор на Канцеларијата за врски на УНХЦР во главниот штаб на ОН во Њу Јорк. Тој го претставуваше високиот комесар како член на разни комисии и средби во ОН.
Од декември 1995-та година до септември 1996-та година, Јесен Петерсен работеше како специјален претставник на високиот комесар за бивша Југославија. Беше сместен во Сараево, а беше одговорен за развивање на стратегијата за имплементација на Анекс VII од Дејтонскиот Мировен Договор и нејзино надгледување. Тој исто така раководеше со хуманитарна операција вредна 350 милиони долари за приближно 4 милиони бегалци, расселени лица, повратници и други жртви.
Помеѓу 1990-та година и 1993-та година, Јесен-Петерсен беше шеф на кабинетот на високиот комесар во штабот на УНХЦР во Женева. Од 1992-та година до 1994-та година, беше директор за надворешни врски и беше одговорен за надворешите контакти на УНХЦР со владите и други организации.
Во 1989-та година, во привремена мисија на УНХЦР, работеше како специјален советник на генералниот потесекретар за политички работи и како член на специјалната единица на Генералниот секретар на ОН за процесот за независноста на Намибија.
Во 1986-та година, ја отвори регионалната канцеларија на УНХЦР за нордиските земји. Сместен во Стокхолм, тој беше на позицијата регионален претставник на високиот комесар се до 1989-та година, покривајќи ги Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска.
Јесен-Петерсен по професија е адвокат и новинар и има бројни публикации. Тој е оженет и има четири деца.