Острите мерки на Милошевиќ и патот до војната

15/12/2006

Помалку од две години откако Слободан Милошевиќ стана водечка политичка фигура во Србија и поранешна Југославија, високиот степен на автономија што му беше доделен на Косово во 1974 година, беше укинат. Откако претходно 15 години уживаше скоро исти права како и шесте југословенски федерални републики, покраината во март 1989 година беше ставена под директна контрола на Белград.

(ББС, СНН, АП, американски Стејт департмент, КФОР, Википедија, Енкарта)

photo

Слободан Милошевиќ им се обраќа на националистите на митингот во Белград, на 19-ти ноември 1988 година. Милошевиќ, тогаш претседател на Српската комунистичка партија, водеше кампања за укинување на aвтономниот статусот на Косово. [Getty Images]

Помалку од две години откако Слободан Милошевиќ стана водечка политичка фигура во Србија и поранешна Југославија, високиот степен на автономија што му беше доделен на Косово во 1974 година, беше укинат. Откако претходно 15 години уживаше скоро исти права како и шесте југословенски федерални републики, покраината во март 1989 година беше ставена под директна контрола на Белград.

По ова следеа масовни отпуштања на косовските Албанци од државните претпријатија и институции, вклучувајќи ја и полицијата, училиштата и Приштинскиот универзитет. Другите кои не беа отпуштени, ги напуштија своите работни места во знак на солидарност. Косовските албански медиуми беа потиснати, а образованието на албански јазик беше укинато, за да повторно се воведе во 1994 година.

Како одговор на тоа, косовските Албанци формираа неофицијален паралелен систем на образование на албански јазик.

Во знак на протест поради политиката на српскиот режим, десетици илјадници косовски Албанци учествуваа во немирите на почетокот од 1990-тите. Со цел да ги задуши ескалирачките немири југословенската армија испрати војници, тенкови и воени авиони, а полициското присуство во покраината беше зајакнато. До крајот на февруари повеќе од 20 луѓе загинаа во нередите и беше прогласена вонредна состојба.

Во јули 1990 година, откако пратениците од косовските Албанци прогласија независност, Србија го распушти покраинското собрание, поради континуираните штрајкови и демонстрации.

По самоорганизираниот плебисцит, кој не беше признаен од Белград или која било странска влада, интелектуалецот и писател од косовските Албанци Ибрахим Ругова -- основач на Демократската лига на Косово (ЛДК) -- беше избран за претседател на самопрогласената Република Косово, во мај 1992 година.

Тензиите во покраината продолжија да растат и во текот на следните три години.

Исклучувањето на косовското прашање од преговорите кои водеа до потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во ноември 1995 година, ја поткопаа стратегијата на Ругова на „пасивен отпор“ и го подринаа неговиот кредибилитет помеѓу албанските радикали во Косово, кои ја формираа тајната Ослободителна војска на Косово (ОВК).

Милитантната сепаратистичка група најпрво се појави во 1996 година, кога ја презеде одговорноста за серијата бомбардирања и напади во покраината. ОВК продолжи редовно да извршува вооружени и бомбашки напади и во текот на следните месеци. До летото 1998 година таа контролираше најмалку една четвртина од покраината.

Големата операција што ја презеде југословенската армија и српските безбедносни сили во февруари таа година, помогна да се ослабне ОВК и да се поврати контролата на поголем дел од покраината. Во меѓувреме, стотици луѓе загинаа, а повеќе од 200.000 -- претежно косовски Албанци -- беа принудени да ги напуштат своите домови.

На 23-ти септември Советот за безбедност на ОН ја усвои Резолуцијата 1199, која повика на прекин на огнот и ги предупреди белградските власти дека би можеле да се соочат со „дополнителни мерки“ ако не ја почитуваат истата.

Соочувајќи се со заканата на НАТО од воздушни напади врз српски воени цели, Милошевиќ неколку недели подоцна се согласи да повлече дел од војниците и да дозволи доаѓање на мониторинг мисија на ОБСЕ во Косово.

Примирјето што следеше потоа беше краткотрајно. Во декември Србите потврдија дека убиле повеќе од 30 борци на ОВК во серија борби долж границата. Подоцна тој месец, југословенската армија и полицијата за внатрешна безбедност спроведоа заедничка воена акција во близина на Подуево, во северно Косово.

Во јануари во селото Рачак беа откриени телата на 45 косовски Албанци, што предизвика меѓународна осуда.

Со продолжувањето на насилството, завојуваните страни беа повикани во Рамбује, Франција, на меѓународно посредувани мировни разговори во февруари и март 1999 година. Преговорите прекинаа на 20-ти март, кога српските претставници го отфрлија предложениот договор, кој го потпиша страната на косовските Албанци.

На 22-ри март американскиот претставник Ричард Холбрук допатува во Белград, како последен обид да го убеди Милошевиќ да го прифати договорот, но замина од српскиот главен град со празни раце.

На 24-ти март НАТО започна воздушни напади врз Југославија, со цел да стави крај на острите мерки во Косово, како и да ги извлече нејзините сили надвор од покраината.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading