27/05/2008
Медитеранскиот проект се најде на врвот од агендата на разговорите во Анкара. Исто така оваа недела: претседателот на претседателството на БиХ, Харис Силајџиќ, ги посети Соединетите Држави, и папата Бенедикт Шеснаесетти се состана со бискупите од Албанија.
![]() Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Јандроковиќ (лево), и неговиот турски колега, Али Бабаџан, одржаа прес-конференција по нивниот состанок во Анкара во петокот (23-ти мај). [Getty Images] |
Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Јандроковиќ, во петокот (23-ти мај) во Анкара се состана со својот турски колега, Али Бабаџан. Тие разговараа за проектот за Медитеранска унија и го разгледаа напредокот на разговорите за пристап во ЕУ што Хрватска и Турција го започнаа во 2005 година. На заедничката прес-конференција по состанокот, Бабаџан рече дека Турција има позитивна перцепција за Медитеранската унија, но сé уште не ја финализирала својата оценка околу ова прашање.
***
Претседавачот на претседателството на Босна и Херцеговинa, Харис Силајџиќ, во понеделникот (26-ти мај) ја заврши својата посета на Соединетите Држави. Тој присуствуваше на 13-тиот состанок на Конгресот на северноамериканските Бошњаци во петокот во Сент Луис и се состана со претставниците на различни американски сектори, вклучително и туризмот, во Вашингтон.
***
Грчкиот началник на Генералштабот, генерал-полковник Димитриос Грапсас, во неделата (25-ти мај) отпатува во официјална посета на Tурција, на покана од турскиот колега Јашар Бујуканит. Целта на Грапсас е разгледување на отворените прашања и зајакнување на билатералната соработка во одбранбениот сектор.
***
Папата Бенедикт Шеснаесетти во петокот (23-ти мај) се состана со група бискупи од Aлбанијa во Ватикан. Тој ги повика да продолжат со заложбите за единство во Албанската католичка црква.
***
Бугарскиот министер за економија и енергија, Петар Димитров, и германскиот амбасадор во Бугарија, Мајкл Гаер, во понеделникот (26-ти мај) потпишаа серија договори за техничка соработка помеѓу двете земји. Договорот предвидува германска субвенција од 4 милиони евра за зајакнување на бугарската економија и вработување, професионалната обука, метеоролошките студии и развојот на Родопските Планини.
***
Грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Теодорос Касимис, изминатиот викенд беше на турнеја низ неколку села во јужна Италија во кои се говори грчки јазик, при што се состана со локалните власти и жителите. „Ние мора да изградиме поблиски и покреативни врски за да им помогнеме на младите луѓе во зачувувањето на своите корени и доближување до Грција“, рече Касимис.
***
Австрискиот претседател Хајнц Фишер во четвртокот (22-ри мај) во палатата Чираган во Истанбул се состана со турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган. Фишер, исто така, ја посети Фенерската грчката православна патријаршија и присуствуваше на состанокот на Турско-австрискиот бизнис совет.
(Разни извори 20/05/08 - 27/05/08)