25/04/2008
Новиот закон се очекува да ја подобри деловната практика во Република Српска. Исто така во вестите оваа недела: албанската влада потпиша договор за заем вреден 230 милиони евра и косовските претпријатија се под истрага за наводна злоупотреба на јавните средства.
![]() Процесот на отворање фирма во Република Српска ќе биде поедноставен. [Getty Images] |
Владата на Република Српска во петокот (18-ти април) усвои нов закон кој ќе го скрати и поедностави процесот на формирање претпријатија. Законот ќе ги зајакне и правата на малите акционери. Законот се очекува да ја зајакне деловните практика, да ги поттикне корпоративните односи и да ги подобри комуникациите во фирмите.
***
Aлбанската влада во понеделникот (21-ви април) потпиша договор за заем вреден 230 милиони евра со Алфа банка и НБГ банка, за финализирање на најскапиот дел од 60 километри -- помеѓу Решен и Калимаш -- од автопатот со четири траки што го поврзува пристанишниот град Драч со Приштина, во Косово. Заемот ќе има каматна стапка од 5,5% во текот на 15 години.
***
Високи официјални претставници и вработени во двете најголеми косовски претпријатија, Косово енерџи корпорејшн и Пошта и телеком Косово, се под истрага за наводна злоупотреба на јавни средства кои ја чинат владата милиони евра. Истрагата ќе се фокусира на неовластениот пристап до телеком системот, злопотребата на возилата на претпријатието и вмешаност на лица што не биле вработени во злоупотребите.
***
Босна и Херцеговинa (БиХ) привлече 150 милиони евра во странски директни инвестиции (СДИ) во првото тримесечје од 2008 година, рече Харис Силајџиќ, шеф на Агенцијата за промовирање на инвестициите, во вторникот (22-ри април). Според централната банка нето приливот на СДИ во 2007 година достигна 1,47 милијарди евра.
***
Бугарското Mинистерство за економија и енергија го избра БНП Парибас за структуирање и договарање на финансиите за изградбата на втората нуклеарка во Белене во вторникот (22-ри април). Бугарската влада има 51 отсто од акциите во проектот. Се очекуваат вкупни инвестиции од околу 4 милијарди евра.
***
Хрватскиот премиер Иво Санадер и министерот за економија Дамир Поланчец во средата (23-ти април) ветија дека ќе ги зачуваат работните места во секторот на бродоградежништвото. Оваа индустрија се соочува со темелна реконструкција, која ќе води до голема промена на активностите во секторот и потенцијално кратење на работните места. Поланчес, сепак, истакна дека сите планови за спас на бродоградежниците вклучуваат зачувување на нивните сегашни листи на вработени.
(Разни извори – 18/04/08-25/04/08)