13/11/2008
Во минатонеделниот извештај на Европската комисија за напредокот на Албанија се вели дека земјата мора да ја интензивира својата борба против корупцијата, перењето пари, трговијата со дрога и организираниот криминал.
Од Јонилда Коци за Southeast European Times во Тирана – 13/11/08
![]() Корупцијата и понатаму е еден од најголемите проблеми на Албанија. [Архива] |
Во извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Албанија, објавен на 5-ти ноември, се вели дека корупцијата, недостатоците во судството, политизацијата на цивилниот сектор и организираниот криминал, и понатаму се најголемите пречки за земјата.
„Корупцијата и понатаму е многу раширена“, се вели во извештајот. Во истиот остро се критикува експлозијата во депото за муниција во Гердец, во која загинаа 17 луѓе во март, како пример за кој сé уште е потребна истрага. „За да се загарантира кредибилитет во борбата против корупцијата, на наводите во врска со овој случај мора да им се пристапи со решителност“, се вели во извештајот.
Исто така, извештајот го издвојува судството. „Судските процедури и понатаму се бавни и нетранспарентни“, вели ЕК, барајќи поголема одговорност на судството.
Перењето пари, трговијата со дрога и организираниот криминал остануваат сериозен проблем. „Ограничен напредок може да се забележи во борбата против организираниот криминал, која е клучен приоритет на европското партнерство“, се вели во извештајот.
Во документот се критикуваат законите за јавните набавки и нивното спроведување поради неследењето на соодветните одредби на ЕК. Сé на сé, усогласувањето на албанското право со aквисот оди премногу бавно, според извештајот, во кој исто така се обвинува Албанија за слабото спроведување на законите.
ЕК потоа се свртува на политичките назначувања во цивилниот сектор, опишувајќи ги како хендикеп за одговорноста и независноста на цивилниот сектор. „Назначувањата продолжуваат да се вршат по партиски линии, спротивно на Законот за цивилна служба“, вели ЕК.
Во него, исто така, се обвинува Албанија за недоволната транспарентност и недоволниот дијалог меѓу политичките партии.
Сепак, не се негативни сите заклучоци на ЕК. Комисијата истакнува дека Албанија постигна напредок во демократијата и владеењето на правото, менаџментот на федералната полиција и финансиската и даночната политика.
Владата ги преувеличи коментарите во кои се изразуваат пофалби за напредокот на Албанија. „Извештајот претставува потврда за постигнувањата на Албанија кон евроатланската интеграција, што ја поттикнува владата да работи понапорно за исполнување на овие стандарди“, рече премиерот Сали Бериша.
„Ние ... го спроведуваме законот за судирот на интереси, ставајќи ги антикорупциските прашања на врвот од својата агенда“, рече министерката за интеграција, Мајлинда Брегу, во парламентот минатата недела.
Сепак, опозицијата вели дека владата не презеде одговорност за клучните прашња со кои земјата мора да се соочи. Спротивставените толкувања на извештајот беа во центарот на вжештената расправа во парламентот, што ги поттикна официјалните претставници на ЕУ да издадат изјава.
„Корупцијата е опишана како особено сериозен проблем за Албанија“, рекоа претставниците на ЕУ во изјавата што ја објави Француската амбасада.
„Ја охрабруваме Албанија да ги зајакне уште повеќе своите реформи напори, особено во областите каде што е постигнат само ограничен или мал напредок во Извештајот за напредокот на Комисијата“, велат тие.