Косовските безбедносни сили ќе почнат со работа до средината на 2009 година

28/10/2008

Косово ќе има уште еден важен настан следниот јуни, кога ќе започнат со работа нејзините безбедносни сили.

Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина – 28/10/08

photo

Постојниот Косовски заштитен корпус ќе биде распуштен до 10-ти декември. [Лаура Хасани]

Косово ќе има свои безбедносни сили до средината на јуни 2009 година, објавија властите во петокот (24-ти октомври), објавувајќи го крајот на сегашниот Косовски заштитен корпус (КЗК). Распуштањето на КЗК „ќе заврши на 10-ти декември 2008 година, додека Косовските безбедносни сили (КБС) ќе бидат создадени до средината на јуни 2009 година“, рече шефот на КБС, Фехми Мујота, по состанокот со парламентарната Комисија за безбедност.

Тој потврди дека Приштина и НАТО ја координираат транзицијата. Подготовките се веќе во тек, вклучително и купувањето униформи.

Новите, лесно вооружени сили ќе бидат првенствено задолжени за одговор во кризни ситуации, деактивирање експлозивни направи и цивилна заштита. КФОР ќе го следи нивното работење.

„Формирањето на КБС се одвива според планираното“, рече Мујота. Тој додаде дека властите ќе го изберат персоналот преку конкурси. Сегашниот КЗК има преку 5.000 припадници, но неговиот наследник ќе биде половина од тоа.

Според Рустем Мустафа, шеф на парламентарната комисија, владата планира одредена форма на „институционална поддршка“ за членовите на КЗК во заминување. Нивната судбина е предмет на одредена загриженост, со оглед на тоа што многумина нема да најдат место во многу помалите КБС. Сé на сé силите ќе имаат 2.500 активни војници и 800 резервисти.

Невработеноста во Косово е највисока во Европа, околу 40 отсто.

Косово веќе доби меѓународно уверување за помош во процесот на транзиција. Во понеделникот германскиот министер за одбрана, Франц Јозеф Јунг, објави дека неговата земја ќе додели 7 милиони евра за формирањето на КБС.

За време на посетата на Приштина, Јунг, исто така, вети дека Германија ќе помага и во економскиот развој на Косово.

Генерално гледано, формирањето на КБС се смета дека е клучно не само за воспоставувањето на сувереноста, туку е од суштинска важност и за надежите за интеграција на новата земја.

„Нашите први единици на КБС ќе бидат многу добро подготвени и ќе ги исполнуваат стандардите на НАТО“, рече Наим Малоку, член на парламентот.

Транзицијата се врши во време кога се прават напори за зајакнување на ЕУЛЕКС, мисијата на ЕУ во Косово, која ги презема надлежностите од УНМИК. Минатата недела Соединетите Држави се согласија да учествуваат во ЕУЛЕКС, со што за првпат американски персонал ќе биде дел од мисија предводена од ЕУ.

Во понеделникот шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, рече дека ЕУЛЕКС ќе биде целосно распореден до декември.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading