24/07/2008
Европската комисија во средата ја укина помошта од скоро половина милијарда евра за Бугарија, наведувајќи го како причина тоа што земјата не успеала здраво да раководи со парите на европските даночни обврзници и ефикасно да се справи со раширената корупција и организираниот криминал.
(ФТ, Гардијан, Индипендант - 24/07/08; AФП, АП, Ројтерс, ДПА, Еуопсервер, Дневник, Медиапул, Europe.bg, КНА, Европска комисија - 23/07/08)
![]() Европската комисија во средата (23-ти јули) замрзна стотици милиони евра помош за Бугарија. [Архива] |
Европската комисија (ЕК) во средата (23-ти јули) замрзна скоро 500 милиони евра помош за Бугарија, наведувајќи ги како причина слабостите во контролните системи на земјата и случаите на измама и нерегуларности. Таа, исто така, ги повлече акредитациите на две владини агенции задолжени за користење на парите од предпристапната програма ФАРЕ.
Во извештајот на ЕК за управувањето со средствата на ЕУ во Бугарија, објавен во средата во Брисел, се вели „сериозните слабости во административниот и судскиот капацитет“ не дозволија земјата „целосно да ги искористи бенефициите“ на странската помош.
„Недостатокот на одговорност и транспарентност во јавните набавки кога се тендерираат средствата на ЕУ е сериозен проблем“, се вели во новиот документ.
Повлекувањето на акредитациите на агенциите, всушност, замрзнува околу 250 милиони евра кои требаше да ги подобрат бугарските институции. Покрај ова, 115 милиони евра за инфраструктурата и 121 милион евра за руралниот развој се укинати, рече портпаролот на ЕК Марк Греј.
Од пристапувањето во ЕУ со Романија пред 18 месеци, на Бугарија й се задржани повеќе од 800 милиони евра од страна на скептичните официјални претставници на ЕУ.
„Веднаш штом Бугарија ги преземе неопходните корективни мерки ... Комисијата е подготвена да го промени“ повлекувањето на акредитацијата на агенциите, соопшти ЕК.
Ако Бугарија не го исполни бараното од страна на ЕК пред декември, таа неповратно ќе изгуби 556 милиони евра, Ројтерс ги цитираше официјалните претставници.
ЕК, исто така, објави уште два други извештаи во кои се наоѓаат грешки во напредокот на Бугарија и Романија во судските реформи и борбата против корупцијата.
Ројтерс објави дека студиите содржеле најостри критики што ЕК ги упатила досега на некоја земја-членка.
„Борбата против корупцијата на високо ниво и организираниот криминал не дава доволно резултати“, рече Јоханес Летенбергер, шеф на канцеларијата за врски со медиумите на ЕК.
Според ЕК, Бугарија дала нереални статистички податоци. Таа, исто така, ја критикува земјата за незамрзнувањето на нелегално стекнатите пари и нерегулирањето на партиските финансирања.
ЕК ја повика Бугарија да преземе итни чекори за зајакнување на владеењето на правото и судството. Софија, според неа, мора да ја зголеми транспарентноста и да ги потисне судирите на интереси.
„Потребни се јасна стратегија и недвосмислена посветеност ... на реформите на системот“, се вели во извештајот, и се додава дека Бугарија мора „убедливо да се справува со наводните врски помеѓу делот на политичката класа, бизнисот и организираниот криминал“.
Премиерот Сергеј Станишев рече дека извештаите се објективни и рече дека владата ќе се посвети на решавање на недостатоците. „Јас ќе барам конкретни мерки“, рече тој.
Само неколку часа пред објавувањето на извештаите, пет десничарски опозициски партии во парламентот поднесоа иницијатива за гласање недоверба, поради „големата корупција“, некомпетентноста и неследењето на регулативите на ЕУ.
Владејачката коалиција ужива убедливо парламентарно мнозинство и според широкото мислење, ќе го преживее своето шесто гласање за недоверба.