11/07/2008
Влезот на Македонија во НАТО е дел од посветеноста на Алијансата на регионот, му рече министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, на дописникот на Southeast European Times Горан Трајков.
Од Горан Трајков за Southeast European Times во Скопје – 11/07/08
![]() Maкедонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски. [Toмислав Георгиев] |
Southeast European Times: Какви се шансите на Македонија наскоро да стане членка на НАТО?
Министерот за надворешни работи Aнтонио Милошоски: Дури и пред самитот во Букурешт, сите членки на НАТО, освен една, јасно потврдија дека Македонија ги исполни сите релевантни критериуми за членство во Алијансата. Поканата за членство за Македонија беше одложена поради опструкцијата на Грција, што, за жал, претставува злоупотреба на членството во НАТО од страна на Грција на штета на кредибилитетот и заедничките интереси на Алијансата.
Сепак, НАТО е организација која има стратегија на интеграција. Оттука, политиката на блокирање на проширувањето на НАТО е неодржлива на долгорочен план, без оглед на нејзиниот скриен мотив. Затоа, интеграцијата на Македонија во НАТО не е само веројатна, туку е и стратешка посветеност на Алијансата на југоисточната страна на Европа.
SETimes: Спорот околу името помеѓу Македонија и Грција трае со години. Дали сметате дека овој спор може да заврши наскоро и во кој правец мислите дека ќе продолжат преговорите?
Mилошоски: Оспорувањето на името на Македонија [има] приоритет во меѓународните односи [кога] една поголема држава, како што е Грција, го оспорува правото на национално самоопределување на една помала мирољубива земја, како што е Македонија. Позициите на Грција во врска со овој спор околу името излегуваат надвор од демократските принципи и затоа го попречуваат [решението].
Покрај ова, спорот е усложнет од нерационалното стравување на некои грчки политичари во врска со етничките малцинства, прашање кое е спротивно на државната стратегија за чисто грчка нација. Имено, ќе ја споменам позицијата на поранешниот премиер на Грција, [Константин] Мицотакис, кој во предговорот на Во името на Македонијa, на неговиот политички советник Теодорос Скилакакис, вели дека не би бил загрижен за името на земјата ... но е загрижен за можноста од отворање на ново малцинско прашање.
SETimes: Какво е вашето мислење за парламентарните избори на 1-ви јуни? Како ги оценувате?
Mилошоски: Изборите во Македонија на [1-ви јуни] покажаа две главни карактеристики -- една стара и една нова. Старата е дека мала група поединци или групи сé уште веруваат дека политичката предност може да се постигне со нерегуларности. Но, државните институции реагираа секаде каде што имаше доказ и ние очекуваме дека по судските процедури овие лица ќе бидат казнети во согласност со законот.
Новата карактеристика на овие избори е дека за првпат македонските државјани гласаа проактивно -- тие ја поддржаа политиката на актуелната власт. Тоа е нова особеност на овие избори.
SETimes: Ќе има ли промени во македонската надворешна политика во следните четири години?
Mилошоски: Maкедонската надворешна политика се базира на еден поширок политички, меѓуетнички и социјален консензус и ќе остана на тој курс. Нашата цел е евроатланската интеграција на земјата и соработката со нашите соседи, со цел стабилност во регионот, како и активен придонес во мировните мисии предводени од НАТО.
SETimes: Очекувате ли Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ до крајот на оваа година?
Mилошоски: Maкедонија е подготвена да ги исполни критериумите на Европската комисија за добивање датум за почеток на преговорите за пристап до крајот на оваа година. Земјата има политички и административни капацитети да влезе во преговори за членство во ЕУ. Ние сме свесни дека преговорите не се ниту лесен ниту кус процес.
Но, искуството на земјите од поранешна Југославија -- како што е Словенија, која е веќе членка на ЕУ, и Хрватска, која е во тек на преговори -- ќе биде од голема помош за нас, бидејќи нашите политички, економски и административни системи имаат многу сличности.
SETimes: Што значи билатералниот договор помеѓу Македонија и Соединетите Држави -- потпишан по самитот на НАТО во април -- за иднината на Македонија?
Mилошоски: Документот за Стратешко партнерство помеѓу Соединетите Држави и Македонија претставува потврда за нашата долготрајна соработка и взаемна доверба и поставува многу цврста основа за продлабочување на билатералните односи во неколку области.