10/07/2008
Вооружени лица го нападнаа Американскиот конзулат во Истанбул, предизвикувајќи смртоносна престрелка. Тројца од нив и тројца полицајци загинаа.
Од Ахмет Гормез за Southeast European Times во Истанбул -- 10/07/08
![]() Турските експерти по судска медицина го испитуваат местото пред Американскиот конзулат во Истанбул по нападот во средата (9-ти јули). [Getty Images] |
Вооружени напаѓачи осомничени за поврзаност со Ал каеда отворија оган врз полициската контрола на Американскиот конзулат околу 11 часот предпладне во средата (9-ти јули). Турските полицајци што ја чувале мисијата возвратиле на оганот, со помош на двајца сообраќајни полицајци. Тие двајца полицајци и еден полицаец стациониран во контролниот пункт загинаа. Полицијата убила тројца од вооружените напаѓачи во престрелката, која наводно траела пет или шест минути.
Гувернерот на Истанбул Муамер Гулер рече дека имало четворица напаѓачи. Во возвратениот оган на полицијата загинале тројца од нив, но четвртиот избегал во сив автомобил. Гулер рече дека двајца од тројцата загинати вооружени напаѓачи биле турски државјани и дека идентитетот на третиот останува неутврден.
Гулер рече дека влезот кој бил цел на нападот бил влезот за визните барања, велејќи дека, со оглед на тоа што конзулатот има силно обезбедување, терористите нападнале знаејќи дека нема да влезат.
Tурската полиција се сомнева на поврзаност на Ал Каеда со нападот, објавија турските медиуми. Според весникот Сабах, тројцата напаѓачи имале врски со авганистанскиот огранок на Ал каеда, кој стана познат по бомбашкиот напад на возот во Мадрид во 2004 година.
Турскиот весник Mилијет објави дека вооружените напаѓачи најверојатно планирале брзо да избегаат, но двајцата сообраќајни полицајци им го блокирале излезот и го осудиле доаѓајќи до контролниот пункт да помогнат.
Според дописникот на новинската агенција Доган Гокхан Даначи, кој ги гледал снимките на безбедносните камери, терористите излегле од паркингот во близина на конзулатот. Тие скокнале од нивниот автомобил, пукајќи во сообраќајните полицајци и трчале околу 50 метри до контролниот пункт.
Сведокот Енис Јилмаз рече: „Видовме автомобил како се движи и потоа слушнавме пукотници.“ Друг сведок, Хусеин Тузмен, рече: „Скокнав во фрижидерот од страв.“
Турското Министерство за надворешни работи остро го критикуваше нападот. Наводно, Анкара ги модернизирала безбедносните мерки за американските мисии и нивниот персонал.
Рос Вилсон, американски амбасадор во Турција, го осуди „очигледниот терористички чин“, насочен против Соединетите Држави.
„Луѓето кои ги загубија животите се турски државјани и ние сме многу тажни поради тоа“, изјави Рос Вилсон за новинарите во Анкара. „Ние во никој случај нема да бидеме одвратени од терористи кои сакаат да не нападнат нас или американско-турските односи.“
„Турската полиција одговори брзо и ефикасно. Ние сме многу благодарни за работата што ја завршија за да ги заштитат нашите официјални американски владини претставништва тука“, рече Вилсон. „Се разбира, би било неумесно сега да се шпекулира за тоа кој можел да го направи ова или она ... Нашите земји заеднички ќе се спротивстават на ова, како и во минатото.“
Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс се очекува да се состане со турскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан, во врска со нападот.
„Очигледно, пред сé, Соединетите Држави длабоко жалат за загубените животи и ние изразуваме сочувство до семејствата на загинатите“, рече Рајс во средата. „Знам дека меѓу загинатите има и полицајци и ние многу го цениме тоа што тие власта очигледно многу брзо и соодветно одговори на безбедносната ситуација пред нашиот конзулат.“
И покрај шпекулациите за спротивното, турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган во средата замина во официјална посета на Ирак. До последен момент беше неизвесно дали Ердоган ќе замине -- државниот министер Бесир Аталај претходно објави дека тековната истрага за нападот и потребата да присуствуваат на погребите на полицајците ќе ги спречи него и Ердоган да заминат за Ирак.
Во Багдад Ердоган се очекува да се состане со највисоки ирачки официјални претставници, меѓу кои и претседателот Јалал Талабани и премиерот Нури Ал-Малики.