09/07/2008
Хрватскиот самит 2008 во Дубровник ги развесели застапниците за членство на земјата во ЕУ.
Од Иво Шчепановиќ за Southeast European Times во Загреб -- 09/07/08
![]() Дубровник беше домаќин на Хрватскиот самит 2008. [Getty Images] |
Разнишаниот оптимизам околу хрватските изгледи за членство во ЕУ по ирското отфрлање на Лисабонскиот договор во јуни, ја доби потребната поткрепа на Хрватскиот самит 2008 изминатиот викенд. Премиерите на Албанија, Хрватска, Унгарија, Косово, Црна Гора и Словачка, како и грузискиот претседател Михаил Саакашвили, се состанаа во Дубровник на овој значаен настан.
„Хрватска ќе го заврши техничкиот дел од преговорите до крајот на 2003 година. Сепак, ќе треба да помине уште една година за ратификацијата и пристапот во ЕУ“, рече Дејвид Дејли, шеф на Одделот за Хрватска при Генералната администрација на Европската комисија.
„Сé уште има време да се најде решение за проблемите што ги предизвика Лисабонскиот договор. Хрватска не треба да се збуни на својот европски пат“, истакна Дејли, кој исто така ги потсети хрватските претставници за важноста на борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Неговите зборови беа поздравени од хрватските претставници на конференцијата, кои се фокусираа на европерспективите за регионот и прашањата поврзани со безбедноста, напредокот и благосостојбата.
„Хрватска не беше обесхрабрена од тоа што некои членки на ЕУ не го одобрија Лисабонскиот договор. ЕУ секогаш наоѓа решенија за сериозните проблеми, така што јас верувам дека така ќе биде и овојпат ... не само за новите членки, туку и за нејзе“, рече хрватскиот премиер Иво Санадер.
Санадер, исто така, рече дека земјите од Југоисточна Европа имаат право да ги остварат своите цели и дека интеграцијата во ЕУ на регионот претставува заеднички интерес на ЕУ и Балканот.
„Сигурен сум дека сите 27 земји ќе го прифатат Лисабонскиот договор. Јас, исто така, се надевам дека тоа ќе се случи за време на хрватскиот преговарачки процес“, додаде Санадер.
На конференцијата присуствуваа и претставници од 30 други земји, вклучително и од ЕУ и НАТО. Бројот на високите гости покажа дека проширувањето на ЕУ не треба директно да се поврзува со Лисабонскиот договор.
„Проширувањето на ЕУ може да продолжи и без Лисабонскиот договор. Тоа е прашање на политичка волја, а не правно прашање. Хрватска нема од што да се плаши, затоа што Ирците не рекоа не за Западен Балкан“, рече чешкиот вицепремиер Александар Вондра. Тој, исто така, додаде дека Хрватска нема друг пат од пристапот во ЕУ.
Словачкиот премиер Роберт Фико се согласи дека застојот во Лисабонскиот договор не треба да го блокира членството на Хрватска во ЕУ. „ЕУ треба да биде подготвена да ја прифати Хрватска откако Загреб ќе ги исполни официјалните критериуми за членство“, рече Фико.