Највисоките воени водачи ветија соработка за стабилноста на Балканот

09/07/2008

Началниците на одбраната на девет балкански земји се согласија да ја зајакнат воената соработка.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 09/07/08

photo

„Јас верувам дека имаме повеќе сличности од разлики“, рече турскиот началник на Генералштабот, Јашар Бујуканит. [Getty Images]

Воените водачи на балканските земји во понеделникот (7-ми јули) се согласија да ги испитаат можностите за поблиска соработка во заедничка воена обука и вежби.

Договорот дојде на крајот од Втората годишна конференција на началниците на одбраната на балканските земји, на која присуствуваа највисоките воени претставници на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Црна Гора, Романија, Србија, како и земјата-домаќин Турција.

„Сите ние делиме заедничка историја и култура. Верувам дека имаме повеќе сличности од разлики. Треба да работиме за нашиот заеднички идеал“, рече турскиот началник на Генералштабот, генерал Јашар Бујуканит, пред присутните на конференцијата.

Истакнувајќи ги ризиците по безбедноста, конфликтите и ривалството во регионот кои претставуваа закана по регионалната и глобалната безбедност, Бујуканит рече дека соработката помеѓу воените водачи е најновиот, но истовремено и најзначајниот напор за зајакнување на безбедноста и стабилноста во регионот.

Првата конференција на балканските шефови на одбраната се одржа во Грција минатата година, и конференцијата наскоро стана ефикасен механизам за соработка помеѓу земјите од регионот, од кои повеќето се членки на НАТО.

Бујуканит рече дека интеграцијата на регионалните земји во структурите на НАТО и ЕУ стана главен извор на стабилноста во регионот. „Сите ние го поздравуваме тоа што Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија станаа партнери во Партнерството за мир на НАТО и тоа што Хрватска и Албанија добија покани за членство во [НАTO]“, рече тој.

„Како војници, ние не можеме да ги решиме проблемите помеѓу нашите земји“, рече тој на конференцијата. „Но, преку соработка, можеме да изградиме позитивна атмосфера [и] да отвориме нов прозорец на можности за политичарите да ги решат проблемите“, рече тој.

Шефот на Воениот комитет на НАТО, италијанскиот адмирал Џампаоло Ди Паола, беше дел од гостите на конференцијата. „Балканот повеќе не претставува главна закана за безбедноста. Напротив, регионот почна да придонесува за глобалната безбедност“, рече тој на конференцијата. „Само пред десет години еден ваков состанок можеше да биде само сон“, рече тој.

Генерал Хенри Бентегеат, претседател на Воениот комитет на ЕУ, говореше за перспективите на ЕУ во регионот и рече дека на сите земји во регионот се гледа како на членки на семејството на ЕУ. „Постои потреба за понатамошен развој на дијалогот и взаемно разбирање помеѓу нас“, рече тој.

Воените водачи на балканските земји се согласија по дводневниот состанок да ја зајакнат својата соработка во справувањето со безбедносните предизвици.

Тие ја истакнаа важноста на работата на координативната група и двете работни подгрупи, кои ќе го обезбедат потребниот механизам за продолжување на конференцијата. Понатамошни чекори во соработката ќе бидат заедничката воена обука, образованието и вежбите помеѓу нивните сили.

Конференцијата на шефовите на одбраната на балканските земји во 2009 година ќе се одржи во Србија.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading