08/07/2008
По една недела преговори, ВМРО-ДПМНЕ ја објави новата коалиција со партијата на етничките Албанци на Али Ахмети, Демократската унија за интеграција. Највисоките тела на ВМРО-ДПМНЕ го одобрија коалицирањето.
Од Горан Трајков за Southeast European Times во Скопје -- 08/07/08
![]() Новата коалиција се подготвува да го преземе кормилото во парламентот. [Архива] |
Директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, изминатиот викенд објави дека коалицијата За подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе формира влада со Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Партијата за европска иднина (ПЕИ). Според Димовски, двете спротивставени партии на етничките Албанци, ДУИ и Демократската партија на Албанците (ДПА), одбиле да учествуваат.
Новата коалиција ќе има 82 места во парламентот, со што ќе добие повеќе од двотретинско мнозинство и можност да усвојува клучни закони.
Набљудувачите сметаат дека главните задачи на владата се обновувањето на нејзината кандидатура за членство во НАТО и одредување датум за почеток на разговорите за пристап во ЕУ.
ДУИ се согласи да го одложи соединувањето на Кичево со неговите локални села за четири години, нешто што првично беше закажано за март 2009 година. „Сите договори не беа возможни со [ДПA] поради нејзиниот мал број претставници во парламентот -- 11 -- во споредба со ДУИ, која има 18“, рече Димовски.
„Премиерот има легитимно право да направи коалиција со партијата што тој ќе ја избере ... Ние не се чувствуваме поразени. Ќе функционираме како конструктивна опозиција“, рече генералниот секретар на ДПА, Имер Алиу.
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се согласија да продолжат со разговорите за законот за јазиците. ДУИ ја прифати програмата на ВМРО-ДПМНЕ, „Преродба во 100 чекори“, вклучително и позицијата во спорот околу името со Грција. Тие, исто така, се согласија да го забрзаат одбележувањето на границата со Косово во согласност со планот на претставникот на ОН, Марти Ахтисари.
Според коалицискиот договор, ДУИ ќе има пет министри, еден вицепремиер и тројца заменици-министри. Премиерот Никола Груевски рече дека ќе ги именува своите министри до крајот на оваа недела.
Политичките експерти велат дека успешната коалиција ќе се одрази на следните претседателски избори. „Ако новата коалиција функционира добро, опозицискиот претседателски кандидат ќе нема многу шанса“, вели аналитичарот Дане Талевски.