02/07/2008
Добропознатиот производител на автомобили инвестира во Србија, можеби како предвесник на порастот на странските инвестиции, со оглед на тоа што претседателот Борис Тадиќ предложи премиер пријателски настроен кон ЕУ.
Од Давор Коњикушиќ за Southeast European Times во Белград -- 02/07/08
![]() „Фиат“ ќе отвори 10.000 работни места и планира да составува целосни автомобили во Србија до крајот на 2009 година. [Getty Images] |
Во очекување на потврдата од проевропската влада во Белград оваа недела, соопштението во мај на италијанскиот производител на автомобили „фиат“ дека доаѓа во Србија, може да го навести напливот на странски инвестиции.
Номинацијата од страна на претседателот Борис Тадиќ на министерот за финансии и негов сопартиец-демократ Мирко Цветковиќ за премиер, ги покажува српските напори, предвидени од бројни набљудувачи, за привлекување на скептичните странски инвеститори и зголемувањето на животниот стандард. Долго време блокирана од војни и меѓународни санкции, Србија сега заостанува зад Романија и Бугарија со БДП по глава на жител и инвестициите со изградба на објекти.
„Фиат“ постигна договор со српската влада пред изборите на 11-ти мај за инвестирањето во Застава, постојната фабрика за автомобили во Крагуевац.
Според тој договор „фиат“ планира да инвестира околу 700 милиони евра во Застава и да купи 70 отсто од акциите во фабриката, додека Србија ги контролира преостанатите 30 отсто. Поголем дел од инвестициите ќе дојдат преку партнерите на „фиат“, кои планираат да изградат нови фабрики за авто-делови. Со инвестицијата на „фиат“ ќе се отворат 10.000 работни места и „фиат“ планира да составува целосни автомобили во Србија до крајот на 2009 година.
Ова е „зделка на векот“ за Крагуевац, град во централна Србија, каде што економските транзиции многумина работници ги платија со своите работни места.
Следната година „фиат“ планира да произведе околу 200.000 автомобили во Србија, а до крајот на 2010 година тој број би можел да се зголеми на 300.000. Набљудувачите очекуваат „фиат“ во Крагуевац да произведува по еден А модел и еден Б модел. Овие автомобили ќе ја имаат својата промоција наскоро на светската сцена.
Министерот за економија и регионален развој, Млаѓан Динкиќ, рече дека успехот со привлекувањето на „фиат“ се должи на потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Договорот дозволува извоз на автомобили произведени во Србија без данок. „Фиат“ планира да извесува скоро 95 отсто од она што произведува Србија.
Динкиќ истакна целиот град Крагуевац, не само фабриката Застава, ќе стане бесцаринска зона. Тој статус ќе овозможи сите нејзини фабрики да увезуваат материјали без да плаќаат царински давачки или данок на додадена вредност, ако тие произведуваат извозна стока од овие материјали.
„Секој кој говори против [ДСА] заборава дека ЕУ може да ги укине давачките не само за извозот на автомобили, туку и за сите други групи производи. Во моментов околу 60 отсто од нашиот увоз ќе оди на пазарот на ЕУ“, вели Динкиќ.
По потпишувањето на овој меморандум градот Крагуевац ќе го изземе „фиат“ од локалните даноци и ќе обезбеди бесплатно земјиште за секоја дополнителна зграда.