26/06/2008
Младите луѓе во Хрватска не покажуваат интерес за политиката и малкумина учествуваат во политичкиот процес на земјата.
Од Кристина Чук за Southeast European Times во Загреб -- 26/06/08
![]() Многу млади Хрвати ја избегнуваат политиката. [Архива] |
Според Хрватскиот институт за социјални истражувања, само околу 8 отсто од младите се вклучени во политиката на земјата. Оваа бројка е загрижувачка, со оглед на тоа што недостатокот на нови лица во политиката може да доведе до стагнација во процесот на донесување одлуки во земјата.
Директорот на Истражувачкиот центар за политички науки во Загреб, Анѓелко Милардовиќ, вели дека само 14 отсто од кандидатите за парламентарци се помлади од 30 години. Многумина учествуваат само како формалност или како обид да се потврдат сомнителните тврдења на постарите политичари дека младите влегуваат во политиката.
Слабиот интерес за политиката кај младата генерација во Хрватска датира од 1990-тите. Денес невработеноста, нискиот животен стандард и нерешените случаи на криминал го зголемуваат незадоволството на младите луѓе од политиката.
„Немам никакви амбиции да се занимавам со политика, бидејќи не мислам дека можам да променам нешто во мојата земја“, вели Звонимир Дуиќ (27).
Натали, невработена 26-годишна економистка од Загреб, вели дека е тотално аполитична. Таа вели дека й помогнала на една партија на последната предизборна кампања, додека безуспешно се обидувала да освари контакти за работа.
Заинтересираните за политика не можат да стигнат до највисоките редови на партијата, бидејќи постарите политичари ги монополизираат позициите. Иако партиите имаат подмладоци, тие добиваат недоволно внимание, бидејќи партиските членови се сомневаат во нивните квалификации за повисоките нивоа на управувањето.
Иако некои млади луѓе можеби се заинтересирани политички да се активираат, тие добиваат малку охрабрување. Покрај ова, повеќето млади луѓе сметаат дека политиката е корумпирана и не сакаат да учествуваат во неа, фокусирајќи се наместо тоа на личните работи, а помалку на јавните интереси. Апатијата е толку висока што младите честопати не ги знаат политичарите и нивните позиции.
За да го поттикне интересот, ГОНГ, непартиска граѓанска организација, спроведе серија работилници за привлекување на младите во политичкиот процес. Во 2002 година ГОНГ започна национален проект. На почетокот од секоја академска година се одржуваат интерактивни работилници за политичките прашања низ целата земја.
Хрватските власти се заинтересирани за промена. Многумина се надеваат дека политичарите и оние на водечките позиции ќе ги инспирираат младите да влезат во политиката нудејќи им мотивација, инструкции и внимание.