24/06/2008
Поранешниот полициски командант на босанските Срби, Стојан Жупљанин, за првпат се појави пред судиите на ОН во Хаг во понеделникот, велејќи дека ќе се изјасни по обвинението за убиства, тортура, прогонување и други воени злосторства, за еден месец.
(AКИ - 24/06/08; AП, АФП, Ројтерс, ББС, Б92, МКТЈ - 23/06/08)
![]() Поранешниот полицаец на босанските Срби, Стојан Жупљанин, за првпат се појави пред Трибуналот за воени злосторства во понеделникот (23-ти јуни) во Хаг. [Getty Images] |
Еден од клучните обвинети за воени злосторства од босанските Срби, одбри да се изјасни при своето прво појавување пред судиите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во понеделникот (23-ти јуни), два дена по неговото пренесување во Хаг.
Стојан Жупљанин (56), поранешен полициски командант и советник на политичкиот водач на босанските Срби во времето на војната, Радован Караџиќ, беше уапсен на 11-ти јуни, девет години по првичното обвинение на ОН. Тој сега се соочува со 12 точки од обвинението за злосторства против човештвото и кршење на законите или обичаите на војувањето, за прогонување, убиства, тортура, депортирање и други злосторства извршени врз несрпското население во раната фаза од конфликтот во Босна и Херцеговина (БиХ) во периодот 1992-1995 година.
Жупљанин рече дека ќе се изјасни во законски предвидениот краен рок од 30 дена.
Тој му рече на судијата-претседател, Оле Бјорн Столе, дека е „многу несреќен“ поради балканските конфликти во 1990-тите. Тој изрази надеж дека тројца бегалци обвинети за воени злосторства кои сé уште ги бара МКТЈ -- Караџиќ, воениот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, и водачот на бунтовниците од хрватските Срби, Горан Хаџиќ -- се сé уште живи. Но, тој стравуваше дека „можеби ноќта ги проголтала“ неговите „преостанати браќа“.
Негирајќи дека српските власти му помагале нему и на тројцата други мажи, тој тврдеше дека тие дури и ковале заговор да ги убијат бегалците во интерес на Србија и Република Српска.
„Беше тоа време на страв, криење и грижи“, рече Жупљанин. „Во споредба со сето ова, затворот беше добредојде.“
Околу една недела пред апсењето на Жупљанин, главниот обвинител на ОН, Серж Брамерц, инсистираше пред Советот за безбедност на ОН дека обвинетите кои сé уште ги бара Хашкиот трибунал, се „на дофат на српските власти“.
Тој рече дека Србија беше „делумно задоволителна“ во поглед на соработката со МКТЈ на архивскиот пристап, но е „незадоволителна“ во помошта за фаќање на обвинетите.
Целосната соработка со Трибуналот на ОН претставува клучен услов за пристапувањето на Србија во ЕУ. Белградските власти рекоа дека апсењето ја покажа нивна посветеност на исполнувањето на обврските на земјата кон МКТЈ.