19/06/2008
Група француски авијатичари-ентузијасти го реставрираа транспортерот на војници од Втората светска војна Ц-47, дониран од БиХ, и го изложија во меморијалниот центар на Денот Д во Нормандија.
Од Антонио Прленда за Southeast European Times во Мервил, Франција – 19/06/08
![]() Повеќе од 3.000 луѓе присуствуваа на презентацијата на реставрираниот транспортер на војници Ц-47 во Нормандија. [Aнтонио Прленда] |
Еден ден по 64-тата годишнина од сојузничката инвазија на Нормандија, група авијатичари-ентузијасти официјално го претставија транспортерот на војници Ц-47, кој Босна и Херцеговина (БиХ) го донираше на францускиот град Мервил.
Босанските власти й ја дадоа реликвијата на Франција на крајот од ноември 2007 година, во знак на благодарност за напорите на француските мировници за време и по конфликтот во периодот 1992-1995 година. Авијациските ентузијасти, предводени од градоначалникот на Мервил, Оливиер Паз, го реставрираа авионот и боите на американските воздухопловни сили, кои го красеа кога учествуваше во инвазијата на Денот Д на 6-ти јуни.
„Народот на Нормандија никогаш нема да го заборави слетувањето на сојузниците во 1944 година и ослободувањето на Европа. ... [авионот] ќе го симболизира пријателството помеѓу Франција, САД и БиХ“, рече Паз на церемонијата на 7-ми јуни.
Членот на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, присуствуваше на церемонијата со повеќе од 3.000 гледачи од цела Европа. Исто така, присуствуваа и двајца членови на екипажот на Ц-47 во Втората светска војна и нивните семејства.
Комшиќ рече дека авионот ќе биде „симбол на заедничкиот отпор против фашизмот и борбата на народот во БиХ и титова Југославија за слобода“.
Фабриката „Даглас“ во Лонг Бич, Калифорнија, го направи авионот во јануари 1944 година. Истиот стана дел од деветтите воздухопловни сили на американската армија и учествуваше во офанзивите на сојузниците, вклучително и Денот Д и операцијата во септември 1944 година во Арнхем, Холандија. Непријателскиот оган го погоди авионот неколку пати, од кои еднаш скоро го собори.
На крајот од војната, САД й го продадоа на чешката авијација, која го пренамени за цивилна употреба. Француските воздухопловни сили го купија во 1960 година, но во 1973 година им го продадоа на југословенските воздухопловни сили -- неговиот последен оператор. Откако авионот заврши со својата летечка служба, беше изложен во воената база Рајловац во близина на Сараево.
Француските авијациски ентузијасти дознаа за неговото постоење по конфликот во БиХ во 1990-тите. Со помош на француските власти, тие добија одобрение од претседателството на БиХ да го обноват и трајно да го изложат авионот во Франција.