17/06/2008
Според неодамнешниот план на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, настаните во Косово имаат значајни оперативни импликации за УНМИК и мисијата мора да се прилагоди на настаните.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина -- 17/06/08
![]() Плановите на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, й даваат овластувања на мисијата на ЕУ. [Getty Images] |
Косовските водачи позитивно одговорија на предлогот за реструктуирање на цивилното меѓународно присуство во новата независна држава. Планот, поднесен од генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, во четвртокот (12-ти јуни) до Советот за безбедност, й дава повеќе овластувања на мисијата ЕУЛЕКС над полицијата, судовите и другите институции во Косово.
Бан рече дека ЕУ е подготвена да го постави персоналот на терен во Косово во полициските, правните и царинските сектори, како и дека ОН ќе го задржи присуството во државата и ќе спроведува „ограничени, преостанати задачи“.
„Верувам дека [ОН] се соочуваат со нова реалност во Косово со оперативни импликации“ за УНМИК, кои мора да бидат земени предвид, рече Бан во својот извештај. Ако не биде направено тоа, би можело да дојде до зголемени тензии со Косово, вклучително и помеѓу косовските заедници.“
Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу потврди дека владата, генерално, го поддржува планот на Бан, кој не го загрозува суверенитетот на поранешната покраина. „Косово е подготвено да соработува со [ОН] на пренесувањето на надлежностите од УНМИК на косовските институции и ЕУЛЕКС“, рече Сејдиу.
„Знам дека овој пакет можеби нема да биде задоволителен за сите страни. Сепак, јас искрено верувам дека, по долги разговори за ова прашање, ќе најдеме решение. Мојата цел беше да создадам привремен договор кој е прифатлив за сите страни и кој ќе ја има целосната поддршка на важните меѓународни сили. Искрено верувам дека овој пакет ја остварува таа цел“, рече Бан во Брисел.
„Напорите на [ОН] се насочени кон гарантирањето дека политичката и безбедносната ситуација во Косово и во поширокиот регион останува стабилна и дека народот на Косово, особено малцинските заедници, се соодветно заштитени“, пишува Бан.
„Во отсуство на насоки од Советот за безбедност, и по широки консултации, мојата намера е да се измени структурата и профилот на меѓународното цивилно присуство на нешто што ќе одговара на променетата ситуација во Косово и кое ќе овозможи [EУ] да заземе зајакната оперативна улога во Косово во согласност со резолуцијата 1244 на [Советот за безбедност]“, се вели во планот.
Членовите на Советот за безбедност сé уште го проучуваат предлогот на Бан, рече американскиот амбасадор Залмај Калилзад, претседателот на Советот овој месец.
ОН, исто така, го испратија планот до српскиот претседател Борис Тадиќ. Во петокот премиерот Воислав Коштуница рече дека истиот е спротивен на резолуцијата 1244 и, како таков, е неприфатлив за Србија.