17/06/2008
„Конечно дојде големиот ден за Босна и Херцеговина, кога можеме да се потсетиме каде беше оваа земја и нејзините граѓани пред 13 години и каде се сега“, рече високиот претставник во БиХ Мирослав Лајчак пред потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација во Луксембург.
Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times во Сараево – 17/06/08
![]() Претседавачот на претседателството на БиХ, Харис Силајџиќ (лево), и словенечкиот министер за надворешни работи, Димитриј Рупел (десно), се поздравуваат, додека шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, гледа, по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација во Луксембург во понеделникот (16-ти јуни). [Getty Images] |
По долго чекање, Босна и Херцеговина (БиХ) во понеделникот (16-ти јуни) го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) со ЕУ. Премиерот на БиХ, Харис Силајџиќ, комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, и словенечкиот министер за надворешни работи, Димитриј Рупел, чија земја моментно претседава со ЕУ, го потпишаа документот во Луксембург.
Претседавачот на претседателството на БиХ, Харис Силајџиќ, министерот за надворешна политика на БиХ, Свен Алкалај, и шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, исто така, присуствуваа на настанот.
„На овој голем ден за БиХ, сакам да ја споделам радоста со сите мои земјаци. Вратата на европската иднина е отворена“, рече Шпириќ.
Рен го нарече потпишувањето „пресвртница“ за БиХ, додавајќи дека тоа е „голем европски ден“ за земјата.
Солана, исто така, им честиташе на граѓаните на БиХ. „Се надевам дека ќе продолжиме да работиме во мир и благосостојба“, рече тој.
„Сите фактори во Босна и Херцеговина треба да докажат од денес па натаму дека се способни, сакаат и можат да го завршат својот дел од обврските“, рече високиот претставник во БиХ, Мирослав Лајчак.
Неодамнешните студии на Канцеларијата на високиот претставник покажаа дека 85 отсто од граѓаните на БиХ сакаат европска перспектива, што претставува огромна поддршка за европскиот процес и многу силна порака за секој политички водач во Босна и Херцеговина“, рече Лајчак пред потпишувањето.
ДСА ги уредува односите помеѓу БиХ и ЕУ во рамките на трите столба на Унијата -- Европската заедница, европската политика и заедничкиот пазар, Заедничката надворешна и безбедносна политика и Правдата и домашните работи
Договорот се состои од десет поглавја, кои ги вклучуваат општите принципи, политичкиот дијалог, регионалната соработка, слободното движење на стоките, движењето на работната сила и хармонизирањето на правото.
Со потпишувањето на ДСА, БиХ го отвора и својот трговски пазар -- намалувајќи ги или укинувајќи ги царинските давачки за одредени групи производи предвидени во договорот. Укинување на царинските давачки се очекува наскоро за суровините од ЕУ кои й се потребни на БиХ, како и за другите производи што БиХ нема можност понатаму да ги развива.
ДСА значително ќе ги промени домашните бизнис услови. Државата ќе наплаќа помалку давачки од царинските такси, но економијата ќе биде ослободена од големите трошоци поврзани со увозните давачки. Некои земјоделски производи ќе го задржат високиот степен на заштита, а некои ќе уживаат заштита дури и по истекот на шестгодишниот транзициски период.