16/06/2008
Голем број регионални филмски работници и актери освоија награди и номинации на последното издание од престижниот филмски фестивал во Кан.
Од Пол Чикој за Southeast European Times во Букурешт – 16/06/08
![]() Актерката Арта Доброши, која е родена во Косово, позира со белгиските режисери Жан-Пјер и Лук Дарден, на премиерата од филмот „Молкот на Лорна“, на 61-вото издание на Канскиот филмски фестивал. [Getty Images] |
Романскиот филм освои награда на Канскиот филмски фестивал веќе втора година по ред, со „Мегатрон“ на Маријан Муресан, кој ја доби Златната палма за најдобар краткометражен филм. Триесетиедногодишниот режисер рече дека ја очекувал наградата, бидејќи жирито и публиката биле привлечени од филмот.
„Некако ја очекував. Верував дека имам шанса да победам“, рече Муресан за својот филм, кој победи во конкуренција на осум други. Ова е трета Златна палма за еден романски краткометражен филм, по „Куса историја“ на Јон Попеску Гопо и „Сообраќај“ на Каталин Митулеску. Муресан веќе учествувал на неколку меѓународни натпревари со своите филмови „Аматер“, Семеен портрет“ и „Среќен роденден“.
Петнаесетминутниот „Мегатрон“ ја раскажува приказната за едно осумгодишно момче од село, кое со својата мајка оди во еден букурешки „Мек Доналдс“ за својот роденден. Откако ќе пристигне во Букурешт, момчето почнува да го бара татка си. Приказната -- која го прикажува патувањето за Букурешт кое полека се претвора во потрага по еден татко -- има само два лика, момчето и неговата мајка, кои ги играат Максим Трину и Габриела Крису. Филмот премиерно беше прикажан во Романија на 74-тиот Трансилвански меѓународен филмски фестивал.
Наградата за најдобар филм отиде во рацете на турскиот режисер Нури Билге Чејлан, за неговата семејна драма „Три мајмуни“. Ова е трета награда за Чејлан на францискиот филмски фестивал по освојувањето на гран при наградата на жирото во 2003 година за „Далечен“ и наградата на филмските критичари во 2006 година на ФИПРЕСКИ, за филмот „Атмосфери“, според Tурски дневни вести.
„Ја посветувам оваа награда на мојата осамена и прекрасна земја, која страствено ја сакам“, рече тој по примањето на наградата од актерката Феј Данавеј. „Овој филм е за животот, за внатрешниот свет на човекот, за многу работи“, објасна Чејлан, режисер на шест филма досега.
Гран при наградата на неделата на меѓународните критичари ја освои првиот филм на босанската режисерка Аида Бегиќ „Снег“, кој е копродукција на Босна и Херцеговина, Германија и Франција. Во него се прикажани последиците од една балканска војна во едно изолирано и опустошено од конфликтот планинско село.
И на крајот, актерката Арта Доброши, родена во Косово, беше номинирана за најдобра актерка за нејзината улога во „Молкот на Лорна“, во продукција на белгиските браќа Жан-Пјер и Лук Дарден, кои ја освоија наградата за најдобро сценарио. Филмот го следи тешкиот пат на една Албанка во Белгија, која се бори да добие државјанство правејќи компромиси.