12/06/2008
Во декларацијата на самитот на САД и ЕУ во Словенија, двете страни ветија дека ќе соработуваат во обезбедувањето непречен трансфер на надлежностите помеѓу мисиите на ОН и ЕУ во Косово.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина -- 12/06/08
![]() Американскиот претседател Џорџ В. Буш (лево) и словенечкиот премиер Јанез Јанша даваат изјава за новинарите во Брдо. [Getty Images] |
Американските претставници и претставниците на ЕУ во вторникот (10-ти јуни потпишаа заедничка декларација за поддршка на регионалната интеграција на Косово и неговиот институционален и економски развој, за време на самитот што се одржа во Брдо при Крању, во Словенија. Агендата ги опфати регионалните и политичките прашања, глобалната безбедност, глобалните предизвици на денешницата и билатералната трговија.
Во врска со Косово, ЕУ рече дека „го поздравува американското учество во“ мисијата ЕУЛЕКС на блокот, која се очекува на крајот да го замени УНМИК.
„Ние ќе соработуваме на комплетирањето на непреченото пренесување на надлежноста од УНМИК на ЕУЛЕКС за владеењето на правото и неговото целосно распоредување низ цело Косово, што е основно за стабилноста на Косово“, се вели во заедничката декларација
Соединетите Држави и ЕУ, исто така, го пофалија напредокот на Хрватска, Србија, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора по патот кон интеграцијата во Унијата.
Документот покрива широк опсег теми за кои разговараа американскиот претседател Џорџ В.Буш и водачите на ЕУ, вклучително и словенечкиот премиер и претседател на Советот на ЕУ, Јанез Јанша.
„Ова е мој осми состанок ЕУ-САД, и мојата порака на крајот е дека е навистина важно за САД да останат блиски со ЕУ“, рече Буш на прес-конференцијата по состанокот. „Во наш интерес е ЕУ да биде силна и енергична, и во наш интерес е да работиме напорно за да имаме партнерство што ќе ги реши проблемите, и денес разговаравме за многу проблеми.“
Буш говореше за Косово со својот словенечки колега, Данило Турк. „Двајцата претседатели разговараа за ситуацијата во Косово, миротворниот процес на Блискиот Исток и некои меѓународни прашања“, објави канцеларијата на словенечкиот претседател.
За време на посетата, како што објави Ројтерс, Буш ќе побара поддршка од ЕУ во борбата против излечливите болести во Африка и зголемувањето на бројот на здравствените работници на тој континент.
Набљудувачите очекуваат Буш да изврши притисок врз ЕУ околу стратегијата против Иран. Во понеделникот американски дипломат за новинарите изјави дека САД би сакале ЕУ да спроведат понатамошна контрола на иранските банкарски активности.