Maкедонската полиција уапси осомничени за измама со кредитни картички

11/06/2008

Полицијата уапси три лица кои, наводно, украле 25.000 евра во рок од три месеци.

Од Горан Трајков за Southeast European Times во Скопје – 11/06/08

photo

Осомничените, наводно, фалсификувале кредитни картички на странски државјани. [Архива]

Македонската полиција приведе тројца осомничени на крајот од минатиот месец под сомневање за измама со кредитни картички. Полицијата со налог го уапси триото на 22-ри мај и изврши претрес во нивните домови, наоѓајќи мобилни телефони, сим-картички за мобилни телефони и компјутер. Тие ги предадоа предметите за понатамошна истрага.

Според Министерството за внатрешни работи, осомничените применувале разработена форма на измама, фалсификувајќи кредитни картички поврзани со сметките на различни странски државјани. Еден од осомничените, наводно, ги регистрирал сите картички на свое име откако ги купил за по 50 евра од друг осомничен. Инспекторите велат дека откако ќе повлекле кеш од сметките на своите жртви, тие купувале стока и ја транспортирале со автомобилот на третиот осомничен.

Полицијата ја започна операцијата „Банкомат“ минатата година. Дотогаш, повеќе од 400 Германци, наводно, изгубиле 1,3 милиони евра. Германскиот огранок на Интерпол го информирало македонското Министерство за внатрешни работи за вмешаноста на македонски државјани во криминалниот синџир, кој оперирал во многу земји во тоа време.

Ова не е првата наводна вмешаност на македонски државјани во меѓународен криминал со кредитни картички. Полицијата верува дека тројцата осомничени се дел од групата чии членови беа уапсени во април во Грција, меѓу кои и Сашо Каиновски - Панки, познат македонски пејач на поп-групата Куку Леле.

Грчката полиција го уапси Каиновски - Панки додека се обидувал да влезе во Македонија од Грција. По неколку дена во затвор, тој беше екстрадиран во Италија. Пејачот, заедно со други членови на криминалната група, наводно украл неколку милиони евра од сопственици на кредитни картички во Германија, Франција, Италија, Грција и други европски земји. Министерствата за внатрешни работи на неколку земји соработуваат во разбивањето на овој криминален синџир.

Осомничените, наводно, поседуваат т.н. „скимери“ за крадење на личните податоци од кредитните картички. Инспекторите велат дека тие патувале во земјите од Западен Балкан со фалсификувани патни документи, крадејќи лични податоци и користејќи ги податоците за правење кредитни картички поврзани со сметките на сопствениците на платежни картички кои не го очекувале тоа. Жртвите станувале свесни за ова дури откако ќе изгубеле неколку илјади евра.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Иво Котевски, вели дека операцијата „Банкомат“ ќе продолжи додека властите не го решат случајот.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading