10/06/2008
Повеќе од 80 хрватски претпријатија се натпреваруваат за тендерите и другите бизнис можности во најновиот европски главен град, Приштина. Некои веќе уживаат успех.
Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб -- 10/06/08
![]() Главниот град на Косово, Приштина, доживува голем развој. [Роберт Хершбах] |
Откако Загреб официјално го призна Косово во март, хрватскиот бизнис сектор беше најпрво исплашен за можни економски репресалии од страна на Србија. Сепак, такво нешто нема. Хрватските претпријатија се вратија непречено на косовскиот пазар, каде што претходно имаа голем успех.
„Косово нуди големи можности за инвеститорите и бизнисмените во различни области“, рече Илиријана Шеху, претставник на Хрватската стопанска комора во Приштина, во неодамнешното интервју за хрватскиот неделник Национал. Таа им помага на претпријатијата од нејзината земја да започнат со бизнис во Косово и вели дека од бизнисот профитираат двете земји.
Тие претпријатија сакаат да се прошират во Косово, додека на Косово му требаат инвестирори кои носат основни вештини и плаќаат разумни цени. Повеќе од 80 хрватски фирми работат таму во различни области, како што се градежништвото, осигурувањето, банкарството, финансиите, модата и храната, како што е Ледо, хрватскиот регионален гигант за сладолед.
Покрај ова, австриски, турски и словенечки претпријатија почнуваат да инвестираат тука и да организираат големи заеднички проекти со младите косовски претприемачи. Косовските власти се обидуваа да го олеснат овој процес за да трае пократко, но сé уште се потребни 23 дена и пет правни чекори за отпочнување бизнис.
Хрватското претпријатие Конструктор, со седиште во Сплит, само што го доби договорот за изградба на најголемиот облакодер на Балканот во Приштина. Во текот на следните шест години, тој ќе достигне висина од 165 метри, придружен со бизнис центар, станбена област и трговски центар. Планерите замислуваат најголем бизнис проект во модерна Приштина, вреден повеќе од 300 милиони евра.
Хрватските градежни фирми изградија силна репутација во Косово со реконструкцијата на Приштинскиот аеродром од страна на загребското претпријатие Ингра. Неговата работа доби позитивни оценки, отворајќи го патот за другите хрватски претпријатија.
Последователно на ова, уште едно градежно претпријатие од Загреб, ИГХ, го освои тендерот за изградба на еден од најголемите патишта во Косово, патот Приштина-Урошевац. Европската инвестициона банка ќе ги покрие трошоците на проектот. Крајот се очекува за три години.