09/06/2008
Младичот кој се обиде да провали во куќата на Хашим Тачи, вели дека не знаел кој живее таму и дека само се обидел да украде нешто.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина – 09/06/08
![]() Полицајци го чуваат домот на премиерот Хашим Тачи во Приштина во саботата (7-ми јуни). [Getty Images] |
Кражба е мотивот кој стои зад провалата во приштинскиот дом на косовскиот премиер Хашим Тачи, според изјавата на главниот осомничен.
Доцна во петокот (6-ти јуни) телохранителите на Тачи пронајдоа човек на балконот на неговата куќа, додека се обидувал да влезе насила. Провалникот избегал, но наводно бил ранет во десната рака при престрелката.
Полицијата потоа уапси еден 19-годишник со криминално досие, дејствувајќи по информациите добиени од сопствениот татко на осомничениот. Полицијата вели дека сé уште не е јасно дали провалникот дејствувал сам или имал соучесници. Тачи бил отсутен во времето на инцидентот, но неговата сопруга и син биле во куќата.
„Среќен сум што моето семејство не е повредено“, рече премиерот. Тој одби да коментира за евентуалните мотиви, велејќи дека судовите се тие што треба да се занимаваат со случајот.
„Не сакам да давам прејудицирам“, рече Тачи на прес-конференцијата. „Имаме правни институции и полиција. Треба да им се даде време да го испитаат овој напад. На крајот од процесот, ќе го знаеме мотивот.“
Владини водачи, кои најпрво го окарактеризираа инцидентот како напад врз косовските институции и владеењето на правото, изразија скепса за приказната на осомничениот. Но, опозициските политичари ја обвинија владата дека се обидува да постигне политички поени.
Рамуш Харадинај, поранешен премиер кој го предводи Сојузот за иднината на Косово, рече дека властите се обидуваат да извлечат политичка корист од сериозна грешка на обезбедувањето.
Инцидентот се случи во еден напнат период за Косово, самопрогласената држава што се отцепи од Србија во февруари. Таа се бори за меѓународно признавање и покрај противењето од Белград и Москва, додека Србите на север одбиваат да ја прифатат независноста и формираат паралелни институции.
Во меѓувреме, политичката коалиција помеѓу Демократската партија на Косово на Тачи и нејзиниот главен противник, Демократската лига на Косово, не е лесна.
Во саботата, Тачи вети дека Косово ќе остане стабилно. „Никој нема да има сила да посегне по демократијата, независноста, слободата и безбедноста“, рече тој. Инцидентите како оној во петокот нема да ги попречат аспирациите на Косово да стане „горда членка на семејството на ЕУ и НАТО“, рече Тачи.