Командантот на ЕУЛЕКС ги посети српските енклаци

05/06/2008

Командантот на ЕУФОР Ив де Кермабон рече дека неговата посета на енклавата на косовските Срби била „многу плодна“.

Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Добратин/Липјан -- 05/06/08

photo

Мисијата на ЕУ во Косово требаше да биде распоредена до средината на јуни, но можно е одложување. [EУ]

Ив де Кермабон, командант на мисијата на ЕУЛЕКС, во вторникот (3-ти јуни) пристигна во посета на Косово. Посетата имаше за цел да ја покаже меѓународната посветеност на Косово, во време кога пречките што се случуваат во последно време може да го одложат почетокот на мисијата.

„Разговорите помеѓу ЕУ и ОН за евентуалното реструктуирање на меѓународното присуство во Косово се во тек, но не е на мене да дискутирам за политички прашања“, рече Де Кермабон за време на посетата на српската енклава Добратин, на 10 километри од Приштина. „Мојата работа е да бидам на терен и да се запознам со очекувањата на луѓето.“

„Причината поради која сум овде денес е да ги слушнам граѓаните, да дознам што тие очекуваат и да ги смирам нивните сомнежи“, рече тој, додавајќи дека средбата со селаните била многу плодна.

Де Кермабон говореше со Неша Стојановиќ, кој работи за паралелна институција со седиште во Грачаница и финансирана од страна на српската влада. Неговата ќерка работи за косовската влада.

Според Стојановиќ, невработените Срби добиваат 130 евра месечно од Србија, додека Србите што работат во паралелните структури во Косово заработуваат помеѓу 250 и 300 евра. „Србите треба да се интегрираат во новата реалност на Косово“, рече тој.

Во меѓувреме, косовскиот министер за труд и социјална грижа, Ненад Рашиќ, кој го придружуваше Де Кермабон за време на посетата, рече дека тој ќе стори сé што е во негова моќ за да ги подобри животните услови на косовските Срби. Рашиќ рече дека посетата на Добратин имала за цел да ја информира заедницата за мисијата ЕУЛЕКС и нејзиното техничко функционирање.

Тој вети дека Косово, во соработка со ЕУЛЕКС, ќе стори сé што може за да обезбеди солидни шанси во безбедноста, правдата и економскиот развој за заедницата на етничките Срби.

Де Кермабон рече дека работата на терен за распоредувањето на мисијата ЕУЛЕКС низ цело Косово продолжува. Во врска со потенцијалните проблеми на север, Де Кермабон рече дека неговата посета на селата населени претежно со српско население како што е Добратин покажува оти ЕУЛЕКС планира да се распореди низ цело Косово и да им служи на сите негови граѓани. Тој додаде дека мисијата ќе ги поддржува косовските институции.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading