Aлбанија, Кипар и Црна Гора на американската листата на следење на трговијата со луѓе

05/06/2008

Хрватска и Македонија се единствените балкански земји чии влади целосно се придржуваат на минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, според новиот извештај на американскиот Стејт департмент.

(РФЕ/РЛ - 05/06/08; Макфакс, Балкан инсајт, американски Стејт департмент - 04/06/08)

photo

[Aмерикански Стејт департмент]

Зголемените напори за борба против трговијата со луѓе во 2007 година им овозможија на Хрватска и Македонија да им се придружат на земјите со најдобри остварувања во оваа област во светот, според новиот извештај објавен во средата (4-ти јуни).

Осмиот годишен извештај на американскиот Стејт департмент „Трговија со луѓе“ ги става двете балкански земји во групата со 27 други земји што се смета дека целосно ги исполнуваат минималните стандарди за елиминирање на таа практика, или ниво 1.

Од преостанатите 170 земји опфатени во извештајот од скоро 300 страници, 153 припаѓаат на една од другите три категории -- ниво 2, ниво 2 Листа на следење или ниво 3. Седумнаесет други земји , вклучително и Косово, се сметаат за специјални случаи поради недостатокот на информации и тие не се рангирани.

Шест земји од Југоисточна Европа (ЈИЕ) -- Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Србија и Турција -- влегуваат во нивото 2 на 71 земја. Ова е групата земји што не ги исполнуваат целосно мининалните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, но прават значајни напори за усогласување со истите.

Кипар, веќе трета година по ред, влезе во нивото 2 Листа на следење. Албанија и Црна Гора, кои се рангираа како земји од нивото 2 минатата година, сега се помеѓу 41 земја на листата на САД на следење на трговијата со луѓе.

Кипар повторно се најде во оваа група, поради тоа што владата не успеа да демонстрира дека ги зајакнала напорите за борба против трговијата со луѓе, се вели во извештајот. „Иако таа усвои нов закон за трговијата со луѓе и отвори владино засолниште за жртвите, овие напори се во сенката на нејзиниот неуспех да покаже видлив и суштински неопходен напредок во областите на спроведувањето на законот, заштитата на жртвите и спречувањето на трговијата со луѓе.“

Албанија и Црна Гора, исто така, не успеаја да обезбедат доказ за зголемените напори за борба против трговијата со луѓе, според Стејт департментот.

„[Албанската] влада не ги идентификуваше соодветно жртвите на трговијата со луѓе во текот на 2007 година“, се вели во извештајот. „Таа не покажа дека енергично ги испитува или суди официјалните претставници кои се соучесници.“

Стејт департментот заклучува дека вниманието на јавноста околу прашањето на трговијата со луѓе е значително намалено во Црна Гора во текот на изминатите неколку години. „Според невладините организации и меѓународните набљудувачи, официјалните статистички податоци според извештајот покажуваат зачестеност на трговијата со луѓе и властите мора да посветат поголемо внимание на овој проблем.“

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс во средата за новинарите изјави дека постои „многу поголема глобална свест за суровоста на трговијата со луѓе“ сега отколку во 2000 година, кога Стејт департментот го издаде својот прв извештај.

„На светско ниво, трговијата со луѓе претставува повеќедимензионална закана: таа ги лишува луѓето од човековите права и достоинство“, рече таа. „Исто така, таа ги зголемува глобалните ризици по здравјето. Истата финансиски го помага растот на организираниот криминал и го поткопува владеењето на правото.“

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading