04/06/2008
Изборите во Македонија во неделата не ги исполнија меѓународните стандарди, смета набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и додава дека насилството и заплашувањето ги поткопаа напорите за европска интеграција.
Од Марина Стојановска за Southeast European Times во Скопје -- 04/06/08
![]() „Спроведувањето слободни и фер избори претставува суштински критериум за процесот на евроинтеграција“, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен. [Getty Images] |
Изборите во Македонија во неделата (1-ви јуни) не ги исполнија „клучните меѓународни стандарди“, соопшти набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Истата ги наведе обидите за попречување на гласањето во областите каде што доминираат етничките Албанци.
„Насилството и обидите за манипулација со кампањата, за жал, фрлија сенка врз изборите, коишто инаку беа добро спроведени“, рече заменик-претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Крисмас-Молер. „Насилството ... во областите на етничките Албанци претставува неприфатливо кршење на мирот и демократските права на луѓето.“
Иако македонските власти добро ги спроведоа изборите, тие ги применуваа законите „селективно“ и „не успеаја да го спречат насилството“, се вели во извештајот на мисијата.
„ОБСЕ ќе следи дали властите сериозно ќе ги решат проблемите со прекршувањата и дали ќе преземат дополнителни чекори“, рече амбасадорот Робер Бери, шеф на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР. „Ние ќе ги следиме и избирачките места каде што ќе биде повторено гласањето и ќе донесеме конечна одлука во зависност од тоа колку властите целосно ќе ги испитаат и елиминираат инцидентите.“
Според Бери, непреземањето превентивни мерки на пошироко ниво, дозволи да се разгорат инцидентите на денот на изборите.
Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, исто така, во понеделникот објави строга изјава. „Длабоко жалам за насилството што ги одбележа изборите. Европската унија е силно посветена на европските перспективи на [Maкедонија]. Сакам да истакнам дека спроведувањето слободни и фер избори претставува суштински критериум за процесот на интеграција во ЕУ.“
Хавиер Солана, шефот за безбедност на ЕУ, исто така, изрази разочараност. Портпаролката Кристина Галах рече дека имала телефонски разговор со премиерот Никола Груевски. „Тој очекува прегласување во избирачките места каде што се случија [најголемите инциденти], со цел да се подобри имиџот за изборите“, рече таа.
Во понеделникот американската амбасадорка во Македонија, Џилијан Миловановиќ, и специјалниот претставник на ЕУ, Ерван Фуере, се состанаа со Груевски и разговараа за изборното насилство.
Треба да се вложат максимални напори не само за гонење на извршителите, туку и за нивно судење. Македонија падна на овој тест на демократијата, но меѓународните институции й даваат нова шанса [со планираното прегласување], рече Фуере по состанокот.
„Овие избори не беа добри како во 2006 година“, рече Миловановиќ. „За жал, луѓето беа спречувани да гласаат. Сепак, ветувањето на премиерот дека ќе бидат елиминирани овие проблеми е охрабрувачко и ние очекуваме подобри резултати за две недели. Изненадена сум што луѓето реагираа рамнодушно на инцидентите, како да му се случуваа на некој друг, а не ним.“