Лајчак вели дека провокативната реторика може да им наштети на интересите на БиХ

04/06/2008

Високиот претставник, Мирослав Лајчак, ги критикуваше изјавите на премиерот на Република Српска Милорад Додик, кој изминатиот викенд тврдеше дека БиХ „им е наметната“ на босанските Срби.

(Канцеларија на високиот претставник - 03/06/08; Балкан инсајт, Фена, Javno.hr -- 01/06/08 - 03/06/08)

photo

„Неодамнешните изјави на премиерот на [Република Српска] Милорад Додик во Загреб претставуваат директна потврда на неговото фундаментално непознавање на европските вредности“, рече високиот претставник во БиХ, Мирослав Лајчак. [OХР]

Високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина (БиХ) во вторникот (3-ти јуни) го критикуваше премиерот на Република Српска (РС) Милорад Додик за користењето националистичка реторика, која би можела да ја затруе политичката атмосфера во земјата.

Неодамнешните изјави на Додик во Загреб „претставуваат директна потврда на неговото фундаментално непознавање на европските вредности, како што се добрососедските односи и меѓуетничката толеранција“, рече високиот претставник Мирослав Лајчак во изјавата.

Во говорот на конгресот на Српскиот национален совет во Хрватска во саботата, водачот на владејачката партија во РС, Сојуз на независните социјалдемократи (СНСД), рече дека државата БиХ „им била наметната“ на босанските Срби. Тој понатаму тврдеше дека Дејтонскиот мировен договор од 1995 година, со кој беше формирана БиХ како суверена држава составена од два ентитета, обезбедил „тесна рамка во која ние не можеме да си ги оствариме сопствените интереси“.

Неговиот коментар беше критикуван од хрватскиот претседател Стипе Месиќ, кој присуствуваше на форумот во Загреб, како и од политичарите на другите две главни етнички заедници во БиХ.

Минимизирајќи ги изјавите како дел од кампањата на Додик за локалните избори на 5-ти октомври, Лајчак предупреди дека ваквиот јазик создава атмосфера на недоверба во регионот и во никој случај не може да ја поттикне политичката стабилност во БиХ.

„Користењето националистичка платформа за сопствена промоција е контрапродуктивно за создавањето здрава политичка атмосфера“, рече словачкиот дипломат. „Стабилноста и благосостојбата на целата земја, која ги вклучува двата ентитети, зависи од позитивната политичка атмосфера. Тензичната ситуација им одговара само на оние кои се интересирани за неред.“

Лајчак, исто така, предупреди дека нема да го толерира користењето јазик кој шири меѓуетничка омраза во една мултиетничка земја. Повикувајќи ги политичарите во БиХ да избегнуваат „несоодветни изјави“ за време на предизборната кампања, тој, исто така, истакна дека неговата канцеларија нема да се двоуми да преземе дејства против оние што ќе ја преминат таа линија.

Повторувајќи дека БиХ е меѓународно признаена држава, Лајчак истакна дека нејзиниот статус е „неспорен“ и дека секој обид за поттикнување дебата околу ова прашање е бесцелен.

Според неговата канцеларија, Лајчак „очекува граѓаните на Босна и Херцеговина да не дозволуваат да бидат вовлечени во оваа манипулација која има само една цел, а тоа е да го одвлече вниманието од прашањата што се од суштинска важност за нив и оваа земја, како што се европската иднина, новите работни места, борбата против корупцијата и сиромаштијата, и [одговорноста] на избраните политичари“.

Лајчак, исто така, предупреди дека провокативната реторика би можела да доведе до негативна оценка за ситуацијата во БиХ од страна на Советот за спроведување на мирот. Ова би можело да го одложи понатаму затворањето на Канцеларијата на високиот претставник и нејзиното претворање во Канцеларија на специјалниот претставник на ЕУ.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading