03/06/2008
Блокот предводен од Социјалистичката партија на Србија можеби ќе го одреди составот на новата српска влада и кој пат Србија ќе го заземе -- но блокот нема единствен став за идните коалициски партнери.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 03/06/08
![]() Социјалистичката партија на Србија можно е да ја одреди новата влада. [sps.org] |
Трипартиската коалиција предводена од Социјалистичката партија на Србија (СПС), која има само 20 места во парламентот и доби околу 8 отсто од гласовите на изборите на 11-ти мај, можно е да одлучи кој ќе ја формира новата српска влада.
СПС, предводена од поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ до неговата смрт во 2006 година, сега има шанса за нов почеток. Покрај ова, партијата е можно да го одреди патот на Србија во текот на следните четири години.
Заедно со СПС се Партијата на обединетите пензионери на Србија (ПУПС) и регионалната партија Единствена Србија. Сепак, блокот останува неодлучен за партнерите во владејачката коалиција.
На Српската радикална партија и Демократската партија на Србија (ДСС), од една страна, и Демократската партија (ДС), од друга страна, им е потребен блокот на СПС за формирање влада. Радикалите и ДСС, предводени од премиерот Воислав Коштуница, се подготвени да ја прекинат интеграцијата во ЕУ и да не ја признаат независноста на Косово, додека ДС на претседателот Борис Тадиќ се залага за брза европска интеграција.
Аналитичарите велат дека СПС се соочува со тежок избор -- нејзините гласачи ги поддржуваат радикалите и Коштуница, но коалицијата со ДС би ја зајакнала политички СПС и би й обезбедила членство во редовите на Меѓународните социјалисти.
„Политички и идеолошки, СПС е многу поблиску до радикалите и ДСС“, изјави политичкиот аналитичар Дејан Вук Станковиќ за Southeast European Times.
Аналитичарот Зоран Стојиљковиќ, пак, вели дека СПС најверојатно ќе ги избере демократите, за да донесе повеќе инвестиции, подобри односи со ЕУ и со тоа повисок животен стандард кој им го вети на гласачите.
Двајцата аналитичари се согласуваат дека новата влада во голема мерка ќе зависи од партнерите на СПС. ПУПС има пет, а Единствена Србија има три од 20-те места на блокот. Овие пратениците може да го напуштат блокот и независно да одлучат кого ќе го поддржат во парламентот. Нивните изјави до денес покажуваат блискост со ДС на Тадиќ.
Сепак, минатата недела СПС се согласи со ДСС и радикалите да формира нова белградска општинска администрација, што ќе го залади разговорите со ДС за коалиција на републичко ниво.
„Понудата на ДС до СПС за формирање нова влада останува, [и покрај коалицијата СПС-ДСС-радикална коалиција] во Белград, изјави високиот претставник на ДС Драгољуб Мичуновиќ.
СПС, исто така, вели дека договорот во Белград не мора да се пренесе и на републичко ниво. „Ние сé уште немаме мнозинска коалиција на ниво на Србија“, рече заменик-претседателот на СПС, Бранко Ружиќ.
Како и да е, СПС има рок до средината на септември да донесе одлука. Ако не се формира нова влада дотогаш, ќе мора да се распишат нови општи избори.