Социјалистите го имаат клучот за следната српска влада

15/05/2008

Партиите на двете страни од политичката поделба во Србија се обидуваат да ја добијат поддршката од Социјалистичката партија за формирање нова влада, по изборите во неделата на кои ниедна партија не освои доволно мнозинство за да формира влада.

(Блиц, Еуроњус - 15/05/08; AП, Ројтерс, АФП, ДПА, РФЕ/РЛ, ВОА, Бета, Б92 - 14/05/08)

photo

Српскиот претседател Борис Тадиќ рече дека ќе ја брани волјата на луѓето со сите демократски и законски средства. [Getty Images]

Српскиот прозападен претседател Борис Тадиќ во средата (14-ти мај) рече дека е подготвен да се договори со Социјалистичката партија на Србија (СПС) за коалиција, по парламентарните избори во неделата, кои завршија без мнозинство за директно формирање влада.

Коалицијата За европска Србија, предводена од Демократската партија (ДС) на Тадиќ, освои 39 отсто од гласовите и ќе има 102 од 250 места во парламентот. Но, истата не успеа да го освои мнозинството од 126 места.

Второпласираниот и третопласираниот -- ултранационалистичката Српска радикална партија (СРС) и коалицијата на Демократската партија на Србија (ДСС) на премиерот во заминување Воислав Коштуница и Нова Србија (НС) -- освоија 78, односно 30 места. Двете партии брзо работеа на формирање влада, но тие исто така ги немаат потребните 126 места.

Коалицијата околу СПС на покојниот моќник Слободан Милошевиќ, која беше четврта на изборите во неделата, освои 20 парламентарни места, со што излезе како главен играч. Сега и проевропскиот и националистичкиот кампус й се додворуваат.

Tадиќ рече дека СПС е „целосно прифатлив коалициски партнер“ за неговата ДС.

„Двете партии ги делат идеалите на Меѓународните социјалисти, и двете се залагаат за социјални реформи, создавање систем на социјална правда и еднакви можности за сите“, рече претседателот. „Ова се принципите на кои се заснова и самата ЕУ.“

Сепак, за каква било коалиција на СПС и За европска Србија ќе биде потребна поддршка од некои од другите четири групи кои го исполнија прагот од 5 отсто. Прозападната либерално-демократска партија освои 13 места, додека етничките сојузи на Бошњаците, Унгарците и Албанците на Прешевската долина ќе имаат заедно седум места.

Наведувајќи ја „огромната“ поддршка од гласачите за неговата проевропска коалиција, Тадиќ во средата го критикуваше обидот на СРС и ДСС за формирање влада, ветувајќи дека „ќе ја брани волјата на народот со сите демократски и легитимни средства“.

Дванаесетте отсто на третопласираната коалиција на Коштуница го покажа отфрлањето на гласачите на Коштуница, вели Тадиќ, и додава дека „политиката на омраза и агресија изгуби“ од „политиката на континуирана европска интеграција“.

Според белградскиот весник Блиц, ДС му го понудил местото вицепремиер на водачот на СПС Ивица Дачиќ, а Министерството за капитални инвестиции на високиот претставник на СПС, Милутин Мркоњиќ.

Во меѓувреме, Дачиќ го окарактеризира состанокот во средата со Коштуница како продуктивен.

„Утре, ние ќе обелодениме дел од нашата политика“, изјави тој за новинарите. „Ова се однесува на пензиите, работата, здравството и образованието.“ Тој одби да коментира за шансите на неговата партија да се приклучи на коалициската влада предводена од ДС.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, во вторникот посочи дека блокот од 27 нации ќе ја поддржи која било проевропска влада.

Во меѓувреме, според српските медиуми, на прес-конференцијата во четвртокот во Белград, водачот на Радикалната партија, Александар Вучиќ, рекол дека СРС, ДСС и СПС „постигнаа принципиелен договор [за]” мнозинска коалиција во Советот на град Белград.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading