14/05/2008
Кандидатурата на Анкара за влез во ЕУ доби кралска поддршка во вторникот, за време на четиридневната посета на британската кралица на Турција.
(Euobserver, The Times, Zaman, The New Anatolian, Hurriyet - 14/05/08; AP, AFP, DPA, BBC, VOA - 13/05/08)
![]() Британската кралица Елизабета Втора и турскиот претседател Абдула Ѓул се состанаа во вторникот (13-ти мај) во Анкара. [Getty Images] |
Истакнувајќи ја стратешката локација на Турција како мост помеѓу Европа и Азија, британската кралица Елизабета Втоеа изрази поддршка за кандидатурата на Анкара за влез во ЕУ во вторникот (13-ти мај) вечер, веднаш откако таа ја започна својата прва официјална посета на земјата во последниве 37 години.
„За нас, Турција е поважна сега од кога и да е“, рече британската кралица на банкетот чиј домаќин беше претседателот Абдула Ѓул. „Турција има единствена позиционираност како мост помеѓу Исток и Запад во клучно време за Европската унија и светот воопшто.“
Велика Британија е една од најголемите поддржувачи на долгопосакуваното членство на Турција во ЕУ. Асоцијативна членка од 1963 година Турција ги започна своите разговори за пристап со блокот од 27 нации во октомври 2005 година, но само шест од сите 35 поглавја од преговорите се отворени оттогаш. Разговорите за други седум области од политиката беа блокирани на крајот од 2006 година откако Анкара одби да ги отвори своите пристаништа и аеродроми за сообраќајот од Кипар, чиј грчки дел пристапи во ЕУ во 2004 година.
И покрај пречките во процесот на пристапување со кои се соочува Турција, јавноста има корист од реформите што ги бара Брисел од кандидатките на ЕУ, според британската кралица.
„Изгледите за пристапување во Европската унија веќе помогнаа да се инспирираат промени што ги подобруваат животите на граѓаните“, рече таа. Таа, исто така, ја опиша Турција како „сигурна и динамична демократија“ и ја пофали Анкара за нејзината „клучна улога во промовирањето на мирот, политичката стабилност и економскиот развој во некои од најнемирните области во светот“ и нејзините блиски врски со Лондон. Турција и Шпанија се коспонзори на напорите поддржани од ОН за зајакнување на дијалогот помеѓу западните и незападните култури.
Ѓул й се заблагодари на Велика Британија „за непоколебливата и постојана поддршка“ на кандидатурата на неговата земја за влез во ЕУ. Сопругата на Ѓул, Хајруниса, ја носеше својата шамија на глава и покрај забраната за таков вид облека во владините канцеларии, вклучително и на настани од ваков вид.
Кралицата Елизабета Втора, која претходно ја посети Турција во 1960 и 1971 година, пристигна во Анкара во вторникот вечер, во придружба на нејзиниот сопруг, принцот Филип, и секретарот за надворешни работи, Дејвид Милибенд.
Набргу по пристигнувањето, кралската двојка го посети мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Турција, каде што кралицата положи венец.
Нивниот четирдневен распоред вклучува посета на историскиот северозападен град Бурса во среда, на училиште и музеј во Истанбул в четврток и прием на британски воен брод стациониран во близина на градот. Тие ќе заминат од Турција в петок.
Ник Берд, британски амбасадор во Турција, за новинарите изјави дека посетата на кралската двојка „фрла светлина на широчината и длабочината“ на англо-турските односи и „важноста на Турција за ЕУ и светот“.