Српските избори се сметаат за крстопат

08/05/2008

Србите в недела ќе избираат дали сакаат да ја забрзаат интеграцијата во ЕУ или да го задржат фокусот на Косово.

Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 08/05/08

photo

Српската радикална партија се очекува да освои 91 од 250 места во парламентот в недела. [Давор Коњикушиќ]

И додека предизборната кампања се разгорува, гласачите се поделени помеѓу екстремно десничарската Српска радикална партија и коалицијата на Демократската партија на претседателот Борис Тадиќ.

Додека демократите се залагаат за брз пристап на Србија во ЕУ како приоритет, радикалите велат дека најважна работа за Србија е да го задржи Косово како дел од Србија и дека патот кон ЕУ треба да биде одложен ако тоа значи напуштање на покраината, која прогласи независност на 17-ти февруари.

Српската влада падна на 8-ми март поради несогласувањата помеѓу премиерот Воислав Коштуница и партијата на Тадиќ околу Косово и понатамошната европска интеграција.

Коштуница и неговата Демократска партија на Србија (ДПС) верува дека земјата не треба да пристапи во ЕУ додека членките на Унијата не ја признаат сувереноста на Србија над Косово. Независноста на Приштина досега ја признаа 20 од 27 членки на ЕУ.

Според анкетите на јавното мислење, спроведени од страна на агенцијата „Медиум галуп“ на крајот од април, Српската радикална партија би можела да освои 91 од вкупно 250 места во парламентот на изборите в недела (11-ти мај).

Демократите на Тадиќ, најверојатно, ќе освојат 88 места, додека партијата на Коштуница се очекува да освои 30.

Социјалистичката партија на Србија, која исто така ја истакнува сувереноста над Косово како приоритет, би можела да освои околу 16 места, додека Либерално-демократската партија, која е за брза интеграција во ЕУ, се надева на 15. Останатите места, најверојатно, ќе одат за партиите што ги претставуваат етничките малцинства.

Формирањето на новата влада би можело уште еднаш да зависи од Коштуница, кој, исто така, играше клучна улога по изминатите два изборни циклуси. Аналитичарите велат дека е тешко да се верува оти, по толку многу несогласување, Коштуница повторно ќе ги избере демократите за партнери.

Сепак, тој не спомена директно ниту еден можен иден коалициски партнер, така што Србија најверојатно ќе гледа исцрпувачки разговори за формирање на новата влада. Таа, можеби, нема да може да формира нова влада без трет партнер. Многу ќе зависи од социјалистите, кои молчат за некоја евентуална коалиција.

Една од главните теми на кампањата беше потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) со ЕУ. Демократите на Тадиќ го поздравија договорот како исклучително важен за Србија, додека Коштуница и радикалите рекоа дека ќе го поништат ако освојат мнозинство во парламентот.

По потпишувањето на 29-ти април, Тадиќ го опиша ДСА како документ кој ќе го отвори патот за економскиот напредок и ќе помогне во борбата околу Косово.

Но, Коштуница и радикалите велат дека „тоа е неуставен и противдржавен чекор“, кој е еднаков на индиректно признавање на независноста на Косово.

Поради заедничката позиција околу ДСА, голем број аналитичари предвидуваат дека Коштуница ќе се здружи со радикалите. Изгледите за една ваква коалиција го загрижуваат Запад, и прозападните партии во Србија. Тие се загрижени дека владата на ДПС и радикалите не само што ќе го поништи ДСА, туку ќе ја спречи и соработката со Хашкиот трибунал за воени злосторства, што ќе ја доведе Србија до изолација од Европа.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading