Обвинителството на МКТЈ поднесе жалба за ослободувањето на Харадинај

02/05/2008

Поднесувајќи жалба за делови од ослободителната пресуда за тројца поранешни членови на Ослободителната војска на Косово, вклучително и поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај, обвинителите на ОН во петокот повикаа на повторно судење по шест точки од обвинението за воени злосторства.

(AП, ДПА, Б92 - 02/05/08; AП, АФП, ВОА, Б92, Балкан инсајт - 01/05/08; Ројтерс, ББС, СЕНС, МКТЈ - 03/04/08)

photo

Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај влегува во судницата да ја слушне својата пресуда во Хашкиот трибунал за воени злосторства во Југославија на 3-ти април. [Getty Images]

Обвинителите на ОН во петокот (2-ри мај) поднесоа жалба за делови од ослободителната пресуда за поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај и двајца други поранешни членови на Ослободителната војска на Косово.

Еден месец по судењето, тие побараа од судиите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) повторно да го отвори случајот за шест од 37-те точки на обвинението за воени злосторства со кои се соочуваат. Обвинителството, кое бараше 25-годишна затворска казна за секој од обвинетите -- Харадинај, Идриз Балај и Лаху Брахимај -- го наведоа заплашувањето на сведоците како фактор во судењето.

„Во текот на следните 75 дена ќе следува пообемен документ. Истиот ќе ги содржи во детали сите аргументи што обвинителството ќе ги употреби“, белградски Б92 ја цитираше портпаролката на главниот обвинител на ОН за воени злосторства Серж Брамерц, Олга Кавран, во петокот.

На 3-ти април тричлена комисија ги ослободи Харадинај и Балај од сите обвиненија, додека Брахимај доби шестгодишна казна за тортура и суровост.

Обвинителите ги обвинија тројцата за учество помеѓу март и септември 1998 година во заеднички криминални активности, чија цел била да се обезбеди целосна контрола од страна на ОВК над оперативната зона Дукаѓин. Тие, исто така, обвинија дека за да се постигне таа цел Харадинај и неговите соработници вршеле редица воени злосторства, вклучително и убиства, незаконско отстранување, тортура и силување на етнички Срби и ромски цивили, како и косовски Албанци осомничени за соработка со српските сили.

Харадинај, главен командант на силите на ОВК во областа Дукаѓин во тоа време, беше премиер на Косово во март 2005 година, кога МКТЈ го обелодени неговото обвинение. Тој веднаш поднесе оставка и доброволно му се предаде на Хаг.

На крајот од судењето минатиот месец претседателот на судската комисија Алфонс Ори, посочи на заплашување на сведоци во текот на целиот процес. Некои сведоци одбија да сведочат. Од вкупно 81 лице кои сведочеа, 34 имаа заштитен статус.

Доказот што беше претставен од страна на обвинителството „не секогаш й дозволува на судската комисија да заклучи дали биле извршени злосторства или дали ОВК била вклучена“, рекоа судиите.

Пресудата наиде на остри критики од страна на Белград, при што премиерот Воислав Коштуница ја опиша како „исмејување на правдата“.

Кога Брамерц го посети Белград откако дојде на местото на Карла дел Понте, српскиот претседател Борис Тадиќ изрази надеж дека обвинителството на ОН ќе поднесе жалба на пресудата.

„Мојата канцеларија моментно ја проучува пресудата на 300 страници за да направи проценка за евентуалната основа за поднесување жалба“, рече белгискиот адвокат.

Обвинителите на ОН, истакна Брамерц, изразија незадоволство од пресудата на судиите. Тие не можеа да ги претстават сите докази, бидејќи неколку сведоци одбија да се појават на суд. Кавран во петокот рече дека жалбите немаат краен рок, но процесот на донесување одлука „може да потрае со месеци или повеќе од година“.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading