Големo количество скриено оружје запленето во Косово

29/04/2008

Косовските власти во понеделникот објавија дека заплениле големо количество скриено оружје и муниција во близина на границата на нивната земја со Македонија, каде што, исто така, уапсиле лица осомничени за шверц со оружје.

(AП, ДПА, Балкан инсајт, Б92 - 28/04/08; Балкан инсајт - 21/04/08; Б92 - 20/04/08; Јавнo - 19/04/08)

photo

Оружјето, наводно, било наменето за екстремистите во соседна Македонија, вели полицијата. [Getty Images]

Косовската полициска служба (КПС) во понеделникот (28-ми април) објави дека уапсила четири лица откако запрела автомобил кој превезувал оружје во близина на косовско-македонската граница.

„Се сомневаме дека оружјето и муницијата биле наменети за македонскиот пазар“, изјави портпаролот на КПС Ветон Елшани за ДПА.

Арсеналот запленет во село во близина на градот Гњилане во неделата вечер, наводно, вклучувал ракетни проектили, муниција за минофрлач, противавионски автоматски пушки и муниција од различен калибар. Полицијата им ја предаде муницијата на силите предводени од НАТО што оперираат во овој дел од Косово.

Полицијата верува дека оружјето било наменето за етничките албански екстремисти во Македонија. Земјата имаше седуммесечен меѓуетнички конфликт во 2001 година.

Запленувањето следи една недела откако косовските медиуми објавија извештаи и фотографии на маскирани вооружени лица кои кружат во селата Дебелде и Мјак во близина на македонската граница. Истрагата на КПС ја поттикнаа приказните во кои се цитираа косовските албански селани како ветуваат дека „ќе земат оружје в рака и ќе ги бранат своите фарми“ ако биде потребно.

„Ако ги сретнеме, ќе ги уапсиме“, рече Елшани минатата недела. „Тие сигурно немаа дозвола да го носат тоа оружје.“

КФОР, исто така, вети акција против вооружените лица во пограничната зона.

„Ние патролираме во оваа област“, белградски Б92 го цитираше портпаролот на мировните сили предводени од НАТО. Тој додаде „Штом наидеме на ова група ќе реагираме во соработка со УНМИК и КПС.“

Селата каде што сведоци, наводно, забележале вооружени лица се во областа што й беше дадена на Македонија со пограничниот договор од февруари 2001 година помеѓу Скопје и Белград. Договорот следеше 20 месеци по крајот на вооружениот конфликт во Косово во периодот 1998-1999 година со Србија.

Лутите косовски Албанци во регионот кој граничи со Македонија тврдат дека со пактот од 2001 година „му се дадени 2.500 хектари косовска земја“ на јужниот сосед.

Косовските водачи, исто така, ја оспорија законитоста на договорот, тврдејќи дека Србија во тоа време немала право да й предаде никаков дел од земјата на Македонија.

На 17-ти февруари косовското собрание усвои еднострана декларација за независност, која ја признаа повеќе од 30 земји, вклучително и мнозинството од 27 членки на ЕУ.

Работните групи формирани неодамна од страна на Приштина и Скопје бараат решение на пограничниот спор.

Заедничката косовско-македонска комисија се согласи претходно овој месец преговарачите да ја одбележат 125-километарската граница во согласност со плановите на Марти Ахтисари. Нивниот договор повикува на завршување на процесот во текот на следните 12 месеци.

Македонските етнички Албанци, кои сочинуваат повеќе од една четвртина од населението во земјата, вршат притисок за итно признавање од страна на Скопје на независноста на Косово. Сепак, во извештајот на АП во понеделникот се истакнува дека македонските водачи ја поврзуваат секоја ваква одлука со тековниот пограничен спор на земјите.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading