24/04/2008
Турција се обидува да ја искористи својата стратешка позиционираност за да стане клучен енергетски правец за ЕУ. Неодамнешното ветување на Ирак за снабдување гас за гасоводот Набуко ја зголеми остварливоста на проектот.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 24/04/08
![]() Австриската министерка за надворешни работи Урсула Пласник, која во понеделникот (21-ви април) беше во Турција, вети дека ќе се заложи за продолжување на преговорите на Унијата за членство со Анкара. [Getty Images] |
Проектот за гасоводот Набуко, поддржан од САД, ја зголеми стратешката важност на Турција за ЕУ, и двата клучни противници на членството на Турција во ЕУ, Франција и Австрија, ги омекнуваат своите противења на тековните разговори за пристап.
Набуко е во центарот на европските напори за намалување на зависноста од рускиот природен гас. Планерите предвидуваат снабдување на ЕУ со гас од Каспиското Море преку Турција и балканските земји до 2012-2013 година.
Австриската министерка за надворешни работи, Урсула Пласник, која ја посети Турција во понеделникот (21-ви април) вети дека ќе ги држи преговорите за членство на Турција со Унијата, отворени. Сепак, таа истакна дека Австрија не мора да значи дека го поддржува „автоматскиот“ пристап на Турција во ЕУ. Пласник истакна дека енергијата е една од главните заеднички интереси што ги поврзуваат ЕУ и Турција, изразувајќи поддршка за проектот Набуко.
Исто така во понеделникот, комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, за германскиот весник Die Welt изјави дека француското претседателство со ЕУ во втората половина од годината ќе го надгледува отворањето на поглавјето за енергијата во разговорите за пристап на Турција.
Францускиот претседател Николас Саркози се спротивстави на членството на Турција во ЕУ, но енергетскиот гигант Газ де Франс има силен интерес за проектот Набуко. Дипломатски извори велат дека Франција, најверојатно, ќе го искористи отворањето на поглавјето за енергијата како влијание врз Турција.
Турција ги започна разговорите за членство со ЕУ во 2005 година, но во последните три години само шест од вкупно 35 неопходни поглавја се отворени. Неколкудецениското кипарско прашање и противањата на Саркози доведоа до одложување на отворањето на осум големи поглавја.
Франција сега сака да се приклучи на проектот Набуко, но турското противење ја блокираше досега. Во моментов конзорциум од претпријатија од Турција и пет од земјите-членки на ЕУ -- Австрија, Бугарија, Романија, Унгарија и Германија -- го спроведува проектот.
Турција и понатаму преговара со ЕУ за деталите околу Набуко. Брисел сака Турција да биде транзитна земја што ќе заработува од транзитните давачки, додека Анкара сака да стане регионален центар што ќе собира гас од снабдувачите и ќе й го продава на Европа за различни цени.
Проектот Набуко има ветувања од Азербејџан и Туркменистан за дотур на 18 милијарди кубни метри гас годишно, што изнесува скоро 55 отсто од капацитетот на гасоводот. Претпријатијата бараат дополнителен гас за проектот да стане поостварлив.
Наодамнешната посета на ирачкиот премиер Нури ал-Малики на Брисел ги зголеми надежите за обезбедување на потребниот гас. За време на посетата минатата недела Ирак се обврза дека ќе испраќа најмалку 5 милијарди кубни метри годишно од своето нафтено поле Акас. Договорот се очекува во следниве недели.