Според еден извештај, земјоделството станува повеќе од приоритет во БиХ

15/04/2008

Босна и Херцеговина мора да го стави земјоделството помеѓу своите главни приоритети, рече министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство на БиХ, Дамир Љубиќ.

Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times – 15/04/08

photo

Земјоделскиот сектор доживува постојан раст во последниве пет години. [AФП]

Од 144-те општини во Босна и Херцеговина (БиХ), 114 може да се окарактеризираат како рурални -- области каде што живее скоро 61 отсто од населението. „Овие показатели доволно покажуваат дека БиХ мора да донесе стратешка и политичка одлука за поставување на земјоделството помеѓу своите приоритети. Ако не го направиме тоа, не можеме да очекуваме подобри денови за земјоделството на БиХ“, рече министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Дамир Љубиќ.

Љубиќ, кој го претставуваше земјоделскиот извештај за 2007 за БиХ во Сараево минатиот месец, истакна дека во овој момент руралниот развој не е помеѓу трите суштински приоритети на БиХ.

Извештајот -- кој го подготви Министерството за надворешна трговија и економски односи (МоФТЕР) -- содржи преглед на активностите во земјоделскиот сектор, вклучително и главните тенденции во 2005 и 2006 година, како и проекциите и приоритетите на политиката за 2008 година.

МоФТЕР е моментно единственото државно тело задолжено за земјоделството, во соработка со претставниците на министерствата и одделите за земјоделство на ниво на ентитетите и со експертите на проектот на Европската комисија СЕСМАРД.

Според заменик-министерот на БиХ за надворешна трговија и економски односи, Вилим Приморац, земјоделството ужива постојат раст во текот на изминативе пет години и неговиот дефицит видливо се намалува во текот на изминатите две години.

„Веруваме дека оваа година ќе биде пресвртница, бидејќи БиХ е решена да влезе во Светската трговска организација, веќе го потпиша ЦЕФТА и се надеваме дека ќе го потпише и Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Ние ќе се соочиме со отворен пазар од околу 6 милиони луѓе, каде што извозниците на БиХ ќе имаат бројни можности. Сепак, сега мораме да ги направиме нашите земјоделци поефикасни и способни да се носат со конкуренцијата“, рече Приморац.

БиХ е претежно земјоделска земја, при што 15 отсто од нејзиното земјиште е обработливо, главно во приватниот сектор. Најбогатата почва е на север, по долината на реката Сава. Во поридестите области, земјиштето се користи за обработка и пасење. Главни житни култури се: пченицата, пченката, јачменот, сојата и компирот. Во Херцеговина и во позаштитените области на Босна, расте тутун. Овците се главен добиток, макар што се одгледуваат и говеда и прасиња.

За време на конфликтот во периодот 1992-1995 во земјата, околу 10 отсто од земјоделскиот сектор беше оштетен. Една од главните пречки во реконструкцијата е континуираното изобилство на нагазни мини и други неексплодирани направи низ целата земја. Според проценките на Светската банка, отстранувањето на мини може да чини околу 10 милијарди евра.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading