Баросо повика на европски стандарди и го критикуваше случајот против владејачката АКП

14/04/2008

Посетата на претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, и комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, на Турција, се смета дека е одраз на поддршката за владата на премиерот Реџеп Тајип Ердоган.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 14/04/08

photo

Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, и комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен (назад), пристигнуваат во Истанбул во четвртокот (10-ти април). [Getty Images]

За време на тридневната посета на Турција, која заврши во саботата (12-ти април), претседателот на Европската комисија (ЕК), Жозе Мануел Баросо, го критикуваше случајот за затворање поднесен против владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), со исламски корени, и го повика највисокиот турски суд да ги разгледа европските стандарди во донесувањето одлуки.

„Имаме целосна почит за одлуките на Уставниот суд“, рече Баросо, кој беше придружуван од комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен. „Но, изненадени сме од овој случај на затворање. Тоа не е нормално во практиката на стабилните, европски демократии.“

Посетата се смета дека е одраз на поддршката на ЕУ за АКП, која неодамна беше обвинета од страна на главниот обвинител на земјата за „средиште на антисекуларните активности“. Сепак, партијата многумина во Европа ја сметаат за најсилна политичка сила во Турција, која може да продолжи со економските и политичките реформи што ги бара Унијата.

„Посетата на Баросо не претставува само израз на поддршката за АКП, туку и предупредување за турската влада да го забрза реформскиот процес, кој е закочен во последниве години“, рече професорот Халук Гунугур, претседател на Турско-европското здружение. „Во изминативе години АКП сигнализираше дека скоро загуби доверба во процесот на пристап во ЕУ. Но сега, со случајот на затворање и неодамнешните домашни настани, процесот за влез во ЕУ стана сигурно сидро за АКП.“

Владата минатата недела објави дека ќе продолжи со долгоодложуваните реформи и ќе му го претстави на парламентот амандманот со кој ќе стане потешко отворањето случаи според членот 301 -- нејасен закон кој се користеше за судско гонење на интелектуалци за „навреда на турската припадност“.

Во говорот пред парламентот Баросо изрази силна поддршка за членство на Турција во ЕУ. Тој ја истакна сé поголемата важност на земјата на светската сцена по паѓањето на Железната завеса.

„Во скоро сите важни теми кои доминираат во меѓународните односи со години -- како што е Балканот, Блискиот Исток, Иран, Ирак и енергетската криза или целокупниот дијалог со муслиманскиот свет -- Турција има важна улога како пример за стабилноста и демократијата во еден од најнестабилните региони во светот“, рече Баросо.

Тој, исто така, го пофали секуларниот карактер на турската држава: „Турција покажува дека една секуларна, демократска република, со претежно муслиманско население, добро интегрирана во Европа, нуди силна алтернатива на фундаменталистичките искушенија низ целиот свет, како и голем капитал во унапредувањето на дијалогот помеѓу цивилизациите и религиите“, истакна тој.

Баросо додаде дека ЕУ внимателно ја следи расправата околу секуларизмот, но не е во позиција да интервенира во дебатата што неодамна доведе до укинување на забраната жените да носат шамии на главата.

Баросо и Рен, во петокот во Истанбул го посетија грчкиот патријарх Бартоломеј. За време на состанокот во Фенер, разговорите беа концентрирани на прашањата поврзани со Патријаршијата и етничкото грчко малцинство во Турција.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading