10/04/2008
Американската канцеларија во Приштина во вторникот официјално стана Американска амбасада во Косово. Промената ја одразува новата фаза во посветеноста на Вашингтон на новата независна држава, рекоа американските власти.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина – 10/04/08
![]() [Од лево] косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, премиерот Хашим Тачи и американската вршителка на амбасадорската функција Тина Кеданау, присуствуваа на церемонијата на отворање на Американската амбасада во Приштина во вторникот (8-ми април). [Лаура Хасани] |
Американската канцеларија во Приштина официјално стана Американска амбасада во Косово во вторникот (8-ми април). Соединетите Држави й се приклучија на Велика Британија, Германија, Албанија и Швајцарија во отворањето на амбасадите во Косово откако поранешната покраина прогласи независност од Србија на 17-ти февруари.
„Како последица на новиот статус на Косово на независна држава, признаена од многу од најмочните и најпросперитетни земји во светот, добивме дозвола од американскиот конгрес за официјално отворање на целосна Американска амбасада“, рече вршителката на амбасадорската функција Тина Кеданау.
Првата американска мисија во Косово беше воспоставена на 6-ти јули 1996 година и истата одигра значајна улога во важните одлуки.
„Иако Американската канцеларија во Приштина работеше многу години со сите одговорности и задачи на ангажирана дипломатска мисија, нејзиното назначување во амбасада одразува нова фаза во нашиот развој и ја истакнува нашата длабока и трајна решеност да работиме за напредокот на Косово и целиот негов народ“, рече Кеданау.
„Секој ден ние вложуваме напори за подобрување на животите на обичните граѓани во Косово и задоволување на потребите на многуте различни етнички заедници во Косово“, додаде таа.
Американската мисија работи на подобрување на економските остварувања на Косово, развивање на неговите демократски институции, славење на неговото разновидно културно и етничко наследство и обезбедување на сите права за сите етнички заедници. „Развивме контакти со голем број луѓе од различни професии и од сите политички ориентации, и ги цениме ставовите и мислењата што ни ги даваат“, рече Кеданау.
Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, кој присуствуваше на церемонијата во вторникот, го парафразираше покојниот претседател Ибрахим Ругова, кој го величеше пријателството помеѓу Косово и Соединетите Држави. „Соединетите Држави се наши пријатели и ние тесно ќе соработуваме со нив.“
Сејдиу рече дека отворањето на амбасадата беше само еден дел од воспоставувањето дипломатски односи. Вториот дел ќе уследи кога Косово ќе ја отвори својата амбасада во Вашингтон.
Премиерот Хашим Тачи искажа слично мислење, велејќи дека отворањето беше повеќе од промена на статусот. „Доделувањето на оваа канцеларија на статус на амбасада му кажува на светот дека Соединетите Држави имаат верба во Косово. А ние како народ сме благодарни и почестени.“
„Додека Косово го продолжува своето патување помеѓу слободните и демократски нации во светот, ние секогаш ќе имаме специјално место во нашите срца за Соединетите Американски Држави“, додаде Тачи.