04/04/2008
Две од трите членки на Јадранската повелба успешно го завршија својот пат до членството во НАТО, додека третата мора да го реши својот спор околу името со Грција.
Од Јонилда Коци и Наташа Радиќ за Southeast European Times во Тирана - 04/04/08
![]() Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер (во средината), е опколен од албанскиот претседател Бамир Топи (лево) и хрватскиот претседател Стипе Месиќ (десно) на самитот на НАТО во Букурешт во четвртокот (3-ти април). [Getty Images] |
Двете западнобалкански земји добија покани за членство во НАТО на самитот на Алијансата во Букурешт, додека кандидатура на третата е замрзната поради спорот со Грција.
Водачите на Албанија, Хрватска и Македонија пристигнаа на самитот со големи надежи. На сите три земји, потписнички на договорот за соработка познат како Јадранска повелба, им беше кажано дека ги исполниле критериумите за влез.
Но, Грција предупреди дека ќе го искористи своето право на вето за да ја блокира поканата за Македонија ако нивниот долготраен спор околу името не биде решен. Последните преговорите не резултираа со решение и делегацијата од Скопје во четвртокот го напушти самитот откако не доби покана.
„Мораме да бидеме со нашиот народ. Ова се тешки времиња за еден мал народ“, изјави за новинарите министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, потврдувајќи дека делегацијата си оди дома.
Сепак, за Албанија и Хрватска приказната на Букурешт 2008 беше сосема поинаква. „Ова е чудо“, рече албанскиот премиер Сали Бериша. „Со вашата одлука вие ни укажавте голема доверба. Би сакал да дадам цврсто ветување пред вас денес дека ја цениме оваа доверба, пред сé како голема одговорност на мојот народ.“
Албанскиот претседател Бамир Топи рече дека ова е едно од најважните настани во историјата на неговата земја и вети дека ќе им помогне на другите аспирантки во регионот. „Албанија ќе ја поддржи интеграцијата на Косово, и, исто така, е подготвена да го понуди својот одделен приронес во рамките на политиката на НАТО и ЕУ за интеграцијата на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија“, рече тој.
Опозицискиот водач Еди Рама ја сподели еуфоричноста. „Поканата за влез во НАТО е знак за новиот ден за Албанија“, рече тој на прес-конференцијата. Иако членството претставува „успех за албанските граѓани, истовремено тоа носи нов товар на одговорност за албанската политика“, додаде тој.
Прослави започнаа на улиците од Тирана неколку минути откако НАТО официјално ја покани Албанија да се приклучи. Знамиња на НАТО и албански знамиња беа кренати едни покрај други пред државните институции и парламентот. Редици автомобили со луѓе кои висеа од прозорците и вееја НАТО и албански знамиња кружеа низ главниот град, а е закажана и официјална улична прослава.
Во меѓувреме, водачите на другата земја од Јадранската повелба која доби покана за членство, Хрватска, ја поздравија одлуката како знак за одобрување на реформските напори.
„Оваа покана претставува остварување на една од двете најважни стратешки цели на хрватската надворешна политика“, рече премиерот Иво Санадер. Другата цел е членството во ЕУ.
НАТО има важност без преседан во постигнувањето на мирот и безбедноста, рече Санадер, чија администрација понекогаш имаше тешкотии да привлече поддршка во јавноста за пристапот во Алијансата. „Нашиот пат до НАТО не беше лесен, но нашето искуство покажува дека трудот се исплати.“
„Оваа покана е јасен сигнал за целиот регион“, рече Санадер. „Членството во НАТО претставува круна на напорите на една генерација за враќање на Хрватска во западнодемократското семејство.“
Хрватскиот претседател Стипе Месиќ рече дека смета оти поканата претставува симбол за работата што е добро сработена. „Сакаме да бидеме активен член на демократскиот свет. Ќе бидеме одговорен член на НАТО кој ќе придонесе во Алијансата“, рече тој.
Американскиот претседател Џорџ В. Буш, кој отпатува во Загреб од самитот во Букурешт, ја пофали Хрватска за реформите што ги направи и ја поздрави одлуката на Алијансата да й понуди членство на Хрватска.