03/04/2008
Приштинските официјални претставници и претставниците на УНМИК ја обвинија Србија дека полициските сили во Косово се нелегални, но српскиот претседател и премиерот категорично ги отфрлија обвинувањата.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 03/04/08
![]() Српскиот министер за Косово, Слободан Самарџиќ, го негираше повикот за поделба. [Getty Images] |
Портпаролот на УНМИК, Александар Иванко, на прес-конференцијата минатата недела рече дека српските полицајци биле во судската зграда во Митровица кога српските судски работници влегле насилно, барајќи да им бидат вратени нивните работни места.
Откако полицијата на УНМИК ги уапси демонстрантите и се подготви за нивно префрлање во приштинскиот затвор, избија судири помеѓу косовските Срби и членовите на меѓународните мисии. Еден украински полицаец загина, а околу 200 луѓе беа повредени во немирите.
„Имаме навистина цврст доказ, како што кажав и минатата недела, дека имало полицајци на МУП [српското Министерство за внатрешни работи] во судската зграда“, рече Иванко.
Исто така, косовскиот министер за внатрешни работи, Зенун Пајазити, рече дека Косовските полициски служби (КПС) го информирале оти во Косово постојат „паралелни српски безбедносни структури“, објави приштинскиот весник Коха диторе во понеделникот.
Пет дена по ред, почнувајќи од 26-ти март, весникот ги цитираше документите на неименувани извори на УНМИК во кои се вели дека во Косово постојат најмалку десет канцеларии на српското Министерство за внатрешни работи и српската тајна полиција, како и паралелни судови.
За разлика од изјавата на Иванко и извештаите во весниците, заменик полицискиот комесар на УНМИК, Џим Лајас, рече дека меѓународните полициски сили немаат докази за станици на МУП во Косово.
„Овде (во Косово) има само станици на Косовската полициска служба. Ако имате доказ, испратете го до полицијата и тие ќе спроведат истрага“, рече тој во изјавата од петокот во српската енклава Чаглавица.
Претставникот на КПС Решат Малиќи, исто така, ги отфрли ваквите тврдења на весникот на албански јазик во Приштина.
„Ние немаме сознанија за објекти кои ги користат некои евентуални парлалелни структури. Досега немаме вакви информации и знаеме само за објекти што ги користи полицијата на УНМИК и КПС“, рече Малиќи.
Во саботата српскиот претседател Борис Тадиќ жестоко ги отфрли тврдењата дека претставници на МУП се присутни во Косово.
„Има луѓе кои работеа за МУП пред 1999 година и живеат во Косово и тие имаат право да живеат таму, бидејќи живееле таму и претходно. Никој не може да ги избрка од нивните сопствени домови“, рече тој на отворањето на кампањата „За европска Србија“ пред општите избори следниот месец.
Тој рече дека присуството на српските полицајци во Косово ќе биде сериозно кршење на резолуцијата 1244, која Србија сака да ја спроведе.
Косово е, исто така, во фокусот на кампањата, во која партиите на Тадиќ и премиерот Воислав Коштуница се соочуваат една против друга. На 16-ти март, блискиот соработник на Коштуница, министерот за Косово Слободан Самарџиќ, му претстави предлог на УНМИК за функционална поделба на Србите и Албанците во Косово. Тадиќ го обвини Самараџиќ за предлагање „де факто поделба на Косово“ на УНМИК.
Сепак, Самараџиќ рече дека никогаш не се застапувал за поделба на Косово и дека претседателот погрешно го обвинува. „Фактот што Борис Тадиќ не може да направи разлика помеѓу функционална поделеност помеѓу Србите и Албанците од една страна и поделбата на Косово од друга страна, е негов проблем“, рече тој.
ОН го разгледува документот, но сé уште не одговори на истиот.