Српските претставници се вратија во косовските институции

24/03/2008

Двајца српски министри присуствуваа на владиниот состанок во четвртокот, а еден партиски водач вети дека пратениците ќе продолжат со својата работа во парламентот. Сепак, многумина косовски Срби велат дека претставниците немаат вистински мандат да ја претставуваат нивната заедница.

Од Блерта Фониќи-Кабаши и Игор Јовановиќ за Southeast European Times – 24/03/08

photo

„Целта е Косово и Србија како две држави да се интегрираат во ЕУ“, рече пратеникот на косовските Срби Драгиша Мириќ. [Getty Images]

Двајца српски министри присуствуваа на состанокот на косовската влада во четвртокот (20-ти март), за првпат во последниве недели, а една мала српска партија објави дека нејзините членови ќе се вратат во парламентот и владините институции. Значењето на овој потег, сепак, е доведено во прашање од страна на другите српски водачи, кои велат дека овие политичари немаат мандат.

Министерот за социјални прашања и труд, Ненад Рашиќ, и министерот за враќање и заедници, Бобан Станковиќ, ги напуштија своите функции по косовското прогласување независност на 17-ти февруари. Враќајќи се на работа во четвртокот, тие ги поддржаа повеќето одлуки што ги донесе владата.

Во меѓувреме, водачот на Српската либерална партија, Слободан Петровиќ, рече дека пратениците и државните службеници од неговата партија ќе го прекинат својот едномесечен бојкот.

„Ова е нормална работа и добар чекор за Србите“, рече вицепремиерот Хајредин Куќи, по седницата во четвртокот. Истиот ден претседателот Фатмир Сејдиу се состана со Петровиќ и го пофали како „важен глас за нашата соработка“.

Но, за многумина косовски Срби никој од нивните претставници во институциите нема вистински легитимитет, со оглед на тоа што мнозинството гласачи во заедницата ги бојкотираа последните општи избори, на 17-ти ноември 2007 година.

Во согласност со законските одредби, на Србите им се загарантирани десет од вкупно 120 места во парламентот, без оглед на одѕивот. Изборните податоци покажаа дека околу 1 отсто од вкупно 120.000 косовски Срби со право на глас, излегле на гласање.

Горан Богдановиќ, претставник во косовскиот огранок на Демократската партија на српскиот претседател Борис Тадиќ, рече дека враќањето на српските претставници во косовските институции беше лоша порака за Србите што живеат во Косово.

„Јас сметам дека ова само го покажува нашиот недостаток на единство во Косово и Метохија. Затоа ние сме во ситуација мал број на Срби, кои немаат кредибилитет, да ја претставуваат целата српска заедница во овие институции“, рече Богдановиќ.

Шефот на Српскиот национален совет на централно Косово, Драган Велиќ, го критикуваше враќањето, велејќи дека тоа е само обид на меѓународната заедница и Приштина да најдат Срби подготвени да ги издадат националните интереси заради свои лични интереси.

Сепак, претставниците велат дека нивното присуство е потребно за да се загарантира дека нивната заедница има глас. „Ние ќе работиме за интересите на Србите, бидејќи тоа е најдобриот начин“, рече Петровиќ, додавајќи дека Србите немаат намера да го напуштат Косово.

„Ние ќе живееме овде и ќе работиме за нашите права“, рече тој.

Драгиша Мириќ, член на парламентот, рече дека иднината зависи од соработката. „Ние ќе одиме во секоја српска куќа во енклавите и ќе им кажеме дека треба да живеат и работат со Албанците“, рече тој.

„Целта е Косово и Србија како две држави да се интегрираат во ЕУ“, додаде Мириќ.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading