Maкедонските водачи разговараа за предлозите на посредникот на ОН во спорот околу името

20/03/2008

Најновиот развој на настаните во спорот околу името на Македонија со Грција, беше во фокусот на серијата разговори што премиерот Никола Груевски ги одржа во средата, во рамките на напорите за избегнување евентуално грчко вето на кандидатурата на Скопје за членство во НАТО на почетокот од април.

(Maкфакс - 20/03/08; AП, Блумберг, МИА, Макфакс, Балкан инсајт, Американска амбасада во Скопје - 19/03/08; Ројтерс, АНА-МПА, Макфакс - 18/03/08)

photo

Maкедонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски. [Getty Images]

Maкедонскиот премиер Никола Груевски во средата (19-ти март) одржа серија состаноци со клучните политички фактори, на кои беше дискутирано за последните предлози на специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, со цел решавање на спорот околу името со Грција. Ако не биде постигнато решение пред почетокот на тридневниот самит на НАТО во Букурешт на 2-ри април, Македонија би можела тоа да го плати со недобивање покана за влез во Алијансата.

Грција, членка на НАТО од 1952 година, се закани дека ќе ја блокира кандидатурата за членство на својот северен сосед, ако не си го смени името. Атина се спротивставува на меѓународното признавање на името Македонија, тврдејќи дека истото имплицира територијални претензии кон северната грчка покраина со истото име.

Наместо тоа, Грција ја нарекува земјата поранешна југословенска република Македонија (ФИРОМ), како и повеќето меѓународни организации. Сепак, повеќе од 120 држави го признаваа уставното име на оваа балканска земја, Република Македонија.

Нимиц понуди неколку предлози во изминативе месеци, во обид да им помогне на двете земји да постигнат компромис пред самитот на НАТО, но сите беа отфрлени од едната или од другата страна.

За време на состанокот со грчкиот и македонскиот преговарач, Адамантиос Василакис и Никола Димитров, во понеделникот во Виена, посредникот на ОН изнесе три нови предлози за името -- Република Горна Македонија, Нова Република Македонија и Република Македонија (Скопје).

Македонската влада се вели дека ги смета последните предлози на Нимиц за неприфатливи. Властите велат дека тие беа предложени и порано, и беа отфрлени.

Говорејќи по двочасовниот состанок на Груевски со претседателот Бранко Црвенковски, на кој присуствуваше и Димитров, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски рече дека Македонија „ќе продолжи активно да учествува“ во преговорите со кои посредуваат ОН.

Пред новите разговори следната недела во Њујорк, Милошоски в петок во Брисел треба да разговара за спорот околу името со својата грчка колешка, Дора Бакојани. На тој состанок, наводно, домаќин ќе биде американскиот државен потсекретар, Даниел Фрид.

Пред разговорите со Црвенковски, Груевски одржа одделни состаноци со претседателите на Демократската партија на Албанците (ДПА), Демократската унија за интеграција и најголемата опозициска партија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), за да ги информира во врска со последните настани.

ДПА, која неодамна ја напушти владејачката коалиција поради несогласувањата со Груевски, й даде целосна поддршка на владата во врска со спорот околу името и членството на земјата во НАТО. Водачот на ДПА, Мендух Тачи, рече дека овие прашања претставуваат приоритет и сите треба да ја дадат својата поддршка за да се загарантира позитивниот исход.

Коментирајќи во врска со одлуката на ДПА да ја напушти владината коалиција, Тачи рече дека е сосема свесен за важноста на овој чекор, но рече дека неговата партија нема да ја смени одлуката.

Претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, на состанокот во Скопје рече дека треба да се вложат максимални напори за да се обезбеди покана за влез во НАТО на самитот во Букурешт.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading