17/03/2008
Битката помеѓу турските секуларисти и владата на премиерот Реџеп Тајип Ердоган повторно се разгоре, при што главниот обвинител Абдурахман Јалцинкаја побара на премиерот и 70 други лица да им биде забрането учество во политиката.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times-- 17/03/08
![]() Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган. [Getty Images] |
Турскиот државен обвинител, Абдурахман Јалцинкаја, поднесе тужба во уставниот суд на земјата, барајќи од него да ја забрани владејачката партија. Тој ја обвинува Партијата на правдата и развојот (АКП) дека станала „централна точка“ за активностите кои го поткопуваат секуларизмот и дека партијата има „скриена агенда“ за трансформирање на Турција во исламска држава.
Обвинителот побара 71 член на партијата, вклучително и премиерот Реџеп Тајип Ердоган, да добијат забрана за учество во политиката во наредните пет години.
Овој потег на Јелцинкаја е последен во жестоката битка што се води помеѓу владата предводена од АКП и секуларните сили на земјата, кои ги вклучуваат армијата, судството и образованието. Ако случајот оди понатаму, гласовите на седум судии ќе бидат доволни за укинување на партијата. Осуммина од 11-те судии на клупата се назначени од поранешниот претседател Ахмет Неџдет Сезер, убеден секуларист.
АКП се опишува себеси како конзервативна демократска партија. Таа постигна убедлива победа на минатогодишните избори, добивајќи 47 отсто од гласовите. Минатиот месец, шокирајќи ги секуларистите, партијата успеа да ја укине забраната за носење исламски шамии на универзитетите.
Во својата тужба на 162 страници, Јалцинкаја вели дека укинувањето на забраната бил клучен чекор што го бараа политичките исламисти. Тој, исто така, наведува различни изјави на Ердоган во врска со исламот и исламското право. Овие изјави, вели обвинителот, ја откриваат планираната стратегија на АКП за претворање на Турција во теократска држава.
Јалцинкаја, исто така, ги споменува владините напори за забрана на продажбата на алкохол во рестораните и баровите во сопственост на спортските клубови. Сепак, непосредно пред поднесувањето на тужбата, еден министер во владата на Ердоган рече дека забраната ќе биде одложена за една година.
Во своето обраќање од неделата, Ердоган ја искажа својата лојалност кон секуларизмот. Тој, исто така, го доведе во прашање потегот на обвинителот, велејќи дека обидите за користење на судството за забрана на партијата се недемократски.
Мислењата во турските медиуми се мешани. Пишувајќи во Хуријет, водечкиот весник во земјата, колумнистот Енис Бербероглу вели дека политиката на владата на Ердоган од реизборот значително се разликува од првиот мандат. Кога гласачите го поддржаа Ердоган на изборите, пишува Бербероглу, тоа беше бидејќи очекуваа од него да продолжи со здравата економска политика и да се придвижи напред со политичките реформи потребни за ЕУ.
„Ако Тајип Ердоган продолжеше на патот по кој овие гласови водеа, забрзувајќи ги своите чекори на патот кон Европа и глобалната економија, немаше да се соочи со ваков случај“, пишува колумнистот, обвинувајќи дека АКП е сега позаинтересирана за дебатата дали тинејџерите треба да го учат Коранот.
Друг истакнат колумнист, Хасан Џемал од Mилијет, жестоко се спротивстави на овој случај. „Уставниот суд треба да го отфрли барањето за затворање и треба да стави крај на процесот на претворање на Турција во гробишта за политичките партии. Треба да ја спречи можноста за политички хаос.“
Изминатиот викенд ЕУ изрази загриженост поради новите настани. „Во една нормална европска демократија, политичките прашања се дебатираат во парламентот и се одлучуваат со гласачки кутии, а не во судници“, рече комесарот за проширување Оли Рен. „Извршната власт не треба да се меша во работата на судот, додека правниот систем не треба да се меша во демократската политика.“