17/03/2008
Неколку полицајци на ОН и војници на КФОР се повредени во судирите со српските демонстранти во косовскиот етнички поделен град Митровица во понеделникот. Ова беше најжестокото насилство откако Косово прогласи независност пред четири недели.
(СНН, Ројтерс, АП, АФП, ДПА, ББС, Б92 - 17/03/08; прес-центар на ОН - 16/03/08; AФП - 15/03/08; Ројтерс, Балкан инсајт - 14/03/08)
![]() Косовските Срби фрлаат камења кон војниците на КФОР во Митровица во понеделникот (17-ти март). [Getty Images] |
Администрацијата на ОН во Косово во понеделникот (17-ти март) ги повлече своите полициски сили од деловите на етнички поделениот град Митровица населени со Срби, по судирите со српските демонстранти. Повредени се одреден број војници кои служат во КФОР.
„Има извештаи за можно пукање и употреба на гранати против полицијата на ОН и КФОР“, CNN го цитираше портпаролот на УНМИК, Александар Иванко, во Приштина.
Тој, исто така, објасни дека „многу сериозната безбедносна ситуација“ во овој град во северно Косово е причина за одлуката на УНМИК да ја повлече својата полиција од регионот.
„Имаме доволен број полицајци таму, но тие се под постојан напад, и затоа полицискиот комесар одлучи да му го предаде справувањето со оваа ситуација, додека говориме, на КФОР“, додаде Иванко.
Соопштението беше објавено откако стотици Срби се судрија со меѓународните сили, кои спроведуваа операција за враќање на контролата на УНМИК над судската зграда во Митровица. Три дена претходно, 300 локални српски демонстранти ја зазедоа насилно.
Голем број од демонстрантите се вели дека биле поранешни судски службеници кои ги загубиле своите работни места, откако Косово беше ставено под администрација на ОН по крајот на конфликтот во периодот 1998-1999 гофина. По заземањето на зградата, тие го отстранија знакот на УНМИК од нејзината фасада и го тргнаа знамето на ОН, заменувајќи го со знамето на Србија.
Претставниците на УНМИК остварија разговори со демонстрантите во текот на изминатиот викенд, во обид да ги убедат да ги напуштат просториите, но тие одбија.
Неколку стотици полицајци на ОН и војници на КФОР, наводно, биле вклучени во операцијата во понеделникот пред изгрејсонце, која започна откако француските мировници ги блокираа пристапните патишта до судскиот комплекс во северениот дел од Митровица, во кој живеат Срби. Педесет и тројца Срби биле, наводно, уапсени во судската зграда, но околу 20 се вели дека избегале откако демонстрантите го нападнале конвојот на ОН.
Косово прогласи независност на 17-ти февруари. Српските заедници досега одбиваа да го признаат потегот, предизвикувајќи ги неколкупати досега ОН и косовските власти -- како што беше, на почетокот од март, преземањето на железничката пруга од страна на Српските железници.
„Ситуацијата е прилично напната, но полицијата и НАТО се присутни во голем број“, АП го цитираше портпаролот на Косовската полициска служба (КПС) на север, Бесим Хоти. КПС е локална сила формирана во 1999 година.
Во понеделникот стотици српски демонстранти се собраа пред судската зграда, фрлајќи камења и петарди кон припадниците на меѓународните сили што учествуваа во рацијата. Тие употребија солзавец и сигнални ракети за да ја растераат толпата.
Тројца полицајци на ОН и двајца војници на КФОР беа ранети во експлозијата и беа евакуирани, според соопштението на локалните косовски полициски сили.
Хоти рече дека верува оти експлозијата, која се случи откако полицијата на ОН влезе во просториите на судот, „беше рачна граната“ активирана во дворот на комплексот. Ројтерс подоцна објави извештај во кој се цитира полицаец дека 13 полски полицајци се здобиле со опасни по живот повреди за време на немирите во Митровица. Српски извори велат дека десетмина демонстранти биле повредени.
Најмалку едно возило на ОН и камион на КФОР се вели дека биле оштетени откако биле запалени за време на судирите.
Во текот на викендот заменик-шефот на УНМИК, Лари Росин, побара да се стави крај на обидите за поткопување на власта на УНМИК. На состанокот со српскиот министер за Косово, Слободан Самарџиќ, во неделата (16-ти март), тој го истакна неодамнешниот говор пред Советот за безбедност на ОН од страна на српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, кој рече дека УНМИК е ексклузивна административна власт во Косово и дека резолуцијата 1244 на ОН е единствената правна рамка што треба да се применува.
Србија треба веднаш да преземе чекори за ставање крај на нападите против УНМИК кои „ги кршат ветувањата што Србија му ги даде на Советот за безбедност на ОН“, рече Росин.