25/02/2008
Турската војска ја потврди единствената цел на својата копнена офанзива -уништување на камповите на ПКК, како и дека војниците ќе се вратат дома веднаш штом тоа биде постигнато.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 25/02/08
![]() Турски војник користи детектор за нагазни мини патролирајќи на патот во близина на турско-ирачката граница во јужната покраина Сирнак, претежно населена со Курди. Турската војска во четвртокот (21-ви февруари) започна копнена офанзива во северен Ирак. [Getty Images] |
Турската воздушна и копнена офазива во северен Ирак против терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК), најголема ваква операција во последнава деценија, продолжи во северен Ирак во понеделникот (25-ти февруари), под мониторинг на меѓународната заедница.
Премиерот Реџеп Тајип Ердоган во неделата потврди дека офанзивата не е насочена против Ирак или народот во северен Ирак. Тој рече дека се во тек многу напори да се изолира ПКК од ирачкото општество. Портпаролот на централната ирачка влада, Али ал-Дабах, изминатиот викенд рече дека Ирак ја сфаќа заканата со која Турција се соочува од ПКК.
Американскиот државен секретар, Кондолиза Рајс, даде коментар за офанзивата, велејќи дека ПКК е непријател на ирачкиот народ и влада, бидејќи ирачката територија не треба да се користи за вршење терористички операции.
Со интензивирањето на борбите, турскиот Генералштаб во неделата објави дека најмалку 112 милитанти на ПКК загинале, како и 15 турски војници. Исто така во неделата, армијата објави дека еден од нејзините хеликоптери се урнал на турско-ирачката граница.
Во првите три дена од операцијата, турските воздухопловни и копнени сили уништија 63 цели, вклучително и терористички засолништа, логистички центри и муниција. Три кампови на ПКК -- Зап, Хакурк и Авасин -- беа главни цели на првичните операции.
Офанзивата започна во време кога растеше притисокот на јавноста и по неколкумесечната дебата помеѓу Анкара, Вашингтон и Багдад. ПКК, која беше прогласена за терористичка организација од страна на САД и ЕУ, ги засили терористичките активности во текот на изминатите 13 месеци, убивајќи повеќе од 120 претставници на безбедносните сили.
Турските вооружени сили ја спроведоа својата копнена офанзива под името „Гунеш“ или „Сонце“, по тригодишното девојче чиј татко, каплар, беше убиен од страна на ПКК за време на операциите на планините Габар минатиот октомври.
Турскиот Генералштаб не ја откри точната бројка на војниците во северен Ирак, но истакна дека ова е мисија што ја спроведуваат главно Специјалните сили за чистење на областа од терористите на ПКК. Ирачката влада објави дека помалку од 1.000 турски војници ја преминале границата, додека турските одбранбени сили ја заокружуваат оваа бројка на околу 5.000. Еден баталјон се врати во земјата во неделата вечер, објавија локалните агенции.
Анкара објави дека околу 3.500 терористи на ПКК се во северен Ирак и го користат регионот како отскочна штица за прекугранични напади.
Турските вооружени сили спроведоа четири големи копнени операции против целите на ПКК во регионот во последниве 16 години, од кои последните во 1997 година. Повеќе од 5.000 терористи на ПКК загинаа, а околу 2.000 беа уапсени во овие операции.
Истакнатиот експерт за ПКК и контратероризмот, Нихат Али Озчан, рече дека тековната петта голема операција нема да биде решение само за проблемот на ПКК. „Веќе постои поширок план со политички, правни и економски елементи што има за цел елиминирање на заканата од ПКК“, рече тој.
Според Озчан, последнава операција нема само да ја уништи инфраструктурата на ПКК и да ја ослабне нејзината способност за спроведување напади врз турски цели напролет, туку и ќе й зададе „психолошки удар“ на групата, која долго време слободно се движи во северен Ирак.
Сепак, еден друг аналитичар, пензионираниот офицер на турската армија, Џелатин Јавуз, верува дека политичката цел на последнава турска операција не е ограничена на уништување на ПКК. „Во својата изјава турскиот Генералштаб ја подвлекува важноста што му ја придава на територијалниот интегритет на Ирак и неговата стабилност. Политичката цел на оваа операција е спречување на евентуалната појава на нова држава во турското соседство“, рече тој.
Соединетите држави, кои соработуваат со својот сојузник во НАТО, Турција, во борбата против ПКК, повикаа на брзо завршување на копнената операција. „Што покусо, тоа подобро“, рече американскиот министер за одбрана, Роберт Гејтс, истакнувајќи дека воените операции нема да бидат доволни за решавање на проблемот.
„Сметам дека целото наше искуство во Ирак и Авганистан покажува оти и покрај тоа што решавањето на проблемот со тероризмот бара безбедносни операции, тоа истовремено бара и економски и политички иницијативи“, рече Гејтс, за време на посетата на Австралија. Гејтс се очекува да оствари сеопфатни разговори за проблемот со ПКК со турските власти за време на клучната посета на Анкара, од 27-ми до 28-ми февруари.
Групите на ирачките Курди, кои стравуваат дека постоењето на турската војска во регионот ќе ја поткопа автономијата на нивниот регион, остро ја критикуваа офанзивата и ги повикаа Соединетите Држави да го зголемат притисокот врз Турција да ги повлече своите војници.
Турската армија ги предупреди групите на ирачките Курди во неделата да не ги заштитуваат терористите на ПКК, кои „се обидуваат да избегаат јужно во паника“. Локалните ирачки групи се очекува да ги спречат припадниците на терористичката организација -- најголемиот непријател на регионалниот мир и стабилност -- да влезат во нивниот регион и да добијат заштита таму“, се вели во соопштението на турскиот Генералштаб.