30/01/2008
Уставните амандмани со кои би се укинала забраната за носење муслимански шамии на универзитетите беа поднесени до парламентот во вторникот од страна на турската владејачка партија, и според широкото очекување, ќе бидат одобрени во текот на следните денови.
(Заман - 30/01/08; AФП, АП, Ројтерс, ДПА, ББС, СНН, ВОА, ФТ, Интернешнал хералд трибјун, Еуроњус - 29/01/08)
![]() Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган во вторникот (29-ти јануари) се обрати пред пратениците на владејачката Партија на правдата и развојот. [Getty Images] |
Турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) во вторникот (29-ти јануари) поднесе до парламентот во земјата нацрт-закон со кој би се укинала забраната за носење муслимански шамии на универзитетите, и покрај силното противење на секуларните групи за ваквите чекори.
Нацрт-аманданите на уставот и законот за високото образование беа испратени до претседателот на парламентот откако партијата со исламистички корени постигна договор со екстремно десничарската опозициска Партија на националистичкото движење (МХП) доцна во понеделникот.
Турскиот премиер и претседател на АКП, Реџеп Тајип Ердоган, во вторникот ги наведе почитувањето на основните човекови права и создавањето еднаквост во системот на високото образование на земјата како основни мотиви за овој потег. Предложените измени ќе бидат ограничени на универзитетите, Ројтерс ја цитираше изјавата на Ердоган пред пратениците од неговата партија во телевизискиот коментар.
Забраната за носење муслимански шамии во јавните институции и училишта беше воведена по државниот удар во Турција во 1980 година и беше строго применувана во универзитетите во доцните 1990-ти.
Ердоган, чија сопруга и ќерки носат шамии на главата, вети дека ќе ја укине забраната пред парламентарните избори во Турција во 2002 година, на кои АКП за првпат дојде на власт. Сепак, со цел да избегне судир со републиканската структура, Ердоган се колебаше дали да се заложи за потребните уставни измени. Моќната и силно секуларна војска на земјата истера од власт четири влади во последниве пет децении.
Потегот за укинување на забраната за носење шамии на универзитетите доаѓа помалку од една година по убедливата победа на АКП на парламентарните избори во јули 2007 година.
Според предложените измени, студентките во државните универзитетски комплекси ќе може да носат традиционални шамии, кои се врзуваат под брадата и не го покриваат лицето. Забраната за турбан кој ја покрива косата и вратот останува на сила.
„Според нашиот план лицето на [жените] мора да остане отворено за да не й се дозволи на личноста да го сокрие својот идентитет“, им рече водачот на МХП, Девлет Бахчели, на пратениците од партијата во вторникот, истакнувајќи дека сите видови исламски фустани, како што се чадарите и бурките, и понатаму ќе бидат забранети.
Нацрт-законот предизвика остри критики од двете левичарски, просекуларни опозициски партии во парламентот, Републиканската народна партија (ЦХП) и Демократската лева партија, и се очекува да предизвика вжештена пленарна расправа во собранието од 550 пратеници во следните денови.
Уставните амандмани бараат поддршка од најмалку 367 пратеници, за да бидат усвоени. Со оглед на тоа што АКП и МХП имаат комбинирано мнозинство од 410 места, нацрт-законот, според широкото очекување, ќе биде лесно одобрен.
Иако војската сé уште не го објави својот став во врска со ова, секуларните партии и групи стравуваат дека предложеното делумно укинување на забраната за шамии претставува прв чекор кон наметнување на верските убедувања во Турција.
Водачот на ЦХП Денис Бајкал во ова гледа „закана против републиката“, додека друг висок член на неговата партија, Онур Ојмен, во вторникот предупреди дека „Турција чекор по чекор се движи кон теократска држава“. Партијата вети дека ќе ги оспори сите измени пред Уставниот суд ако тие бидат одобрени од страна на парламентот.