02/11/2007
Политичката криза во Босна и Херцеговина се продлабочи во четвртокот, по одлуката на Никола Шпириќ за поднесување оставка од претседателското место во Министерскиот совет на земјата.
(АП, ФТ, Индипендант, Блиц - 02/11/07; AП, Ројтерс, АФП, ДПА, ББС, УПИ, АКИ, Фена, Бета, Б92, БИРН, Канцеларија во високиот претставник - 01/11/07)
![]() Премиерот на Босна и Херцеговина, Никола Шпириќ, даде изјава за новинарите објавувајќи ја својата оставка во четвртокот (1-ви ноември) во Сараево. [Getty Images] |
Премиерот на Босна и Херцеговина (БиХ) Никола Шпириќ во четвртокот (1-ви ноември) поднесе оставка во знак на протест поради меѓународно одобрените мерки за подобрување на функционалноста на државните институции, вклучително и на владата.
„Ја поднесов мојата оставка до босанското претседателство“, изјави за новинарите Шпириќ, член на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) на премиерот на Република Српска (РС), Милорад Додик.
Тој ја поднесе оставката еден ден откако Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот (ССМ) изрази поддршка за реформите на високиот претставник Мирослав Лајчак, предложени минатиот месец, во обид да го скрати процесот на донесување одлуки во централната влада и парламентот на БиХ.
Планот на словачкиот дипломат, објавен на 19-ти октомври, повикува на промена на правилата за кворум во двете институции, со што за министрите и пратениците ќе биде потешко да го блокираат усвојувањето на одлуките и легислативата само со бојкот на седниците.
Политичарите на босанските Срби, кои честопати ја применуваа оваа тактика, реагираа луто на потегот на Лајчак. Тврдејќи дека предложените реформи се антиуставни и го кршат Дејтонскиот мировен договор, со кој беше ставен крај на конфликтот во БиХ во периодот 1992-1995 година, тие се заканија дека ќе ги напуштат позициите во државните институции.
Лајчак предупреди дека ако не бидат спроведени мерките до 1-ви декември, тој ќе ги искористи своите овластувања како највисок меѓународен администратор во БиХ за да ги наметне.
Највисоките функционери во Управниот одбор на ССМ, кои ја надгледуваат повоената обнова на БиХ, во средата рекоа дека одлуките на високиот претставник „се целосно во согласност со неговиот мандат и уставот на БиХ“ и повикаа на нивно брзо спроведување.
„Единствената цел на овие мерки е скратување на процесот на носење одлуки во Советот на министри и во парламентот, а тие се неопходни за забрзување на реформскиот процес“, велат меѓународните претставници во декларацијата, објавена на крајот од нивниот дводневен состанок во Сараево.
Објавувајќи ги мерките минатиот месец, Лајчак истакна дека само три реформски закони се усвоени во изминатите 12 месеци. Од нив, еден беше поврзан со интеграцијата во ЕУ.
Очигледно налутен поради поддршката на меѓународната заедница за високиот претставник, Шпириќ потврди дека нејзиното мешање ја направи неговата работа невозможна.
„Дванаесет години по Дејтон, Босна и Херцеговина, за жал, не е суверена држава“, изјави тој за новинарите. „Дванаесет години по Дејтон, странците имаат ексклузивно право над оваа земја и јас сметам дека тоа не е добро за оваа земја и нејзините граѓани.“
Оставката на Шпириќ значи дека владата на БиХ сега има технички мандат, објави во четвртокот Лајчак, објаснувајќи дека владата останува одговорна за функционирањето на администрацијата.
„Одлуката на Никола Шпириќ за поднесување оставка е негово право и негов избор, но тоа не е одговорно дејство“, рече тој. „Тоа нема да ја смири моментната политичка ситуација, но јас очекувам Министерскиот совет целосно да го искористи својот технички мандат.“
Актуелната политичка криза е најголемата со која земјата се соочи од крајот на конфликтот во периодот 1992-1995 година.
Српскиот премиер Воислав Коштуница во четвртокот го искажа своето мислење, барајќи од Лајчак да поднесе оставка. „Лајчак е одговорен за кризата во Босна“, изјави српскиот водач за новинската агенција Танјуг. „Би било природно тој да поднесе оставка, наместо уште повеќе да ја разгори кризата.“
Минатата недела Коштуница им ја понуди на босанските Срби целосната поддршка на неговата земја за нивната кампања против „отворената закана“ за нивните интереси. Тврдејќи дека мерките на Лајчак имаат за цел укинување на Република Српска, тој, исто така, посочи дека таа политика е дел од антисрпскиот заговор, со цел Косово да добие независност.
Како одговор на ова, пет западни амбасадори со седиште во Белград поднесоа официјален протест до српското Министерство за надворешни работи во врска со позицијата на земјата во босанската политичка криза, предупредувајќи и против обидите за поврзување на процесот на решавање на статусот на Косово со иднината на БиХ.