29/08/2007
Новата администрација ги уапси наводните воени злосторници и шверцери на цигари, ги рестартираше разговорите со ЕУ и цврсто се спротивстави на независноста за Косово. Сепак, животниот стандард останува низок.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 29/08/07
![]() Премиерот Воислав Коштуница рече дека владините главни задачи се соработката со Хашкиот трибунал, продолжувањето на процесот на интеграција во ЕУ, борбата против криминалот и корупцијата и подобрувањето на животниот стандард. [Getty Images] |
Актуелната српска влада е на власт од 15-ти мај. Истата беше формирана четири месеци по изборите, по одолговлечените преговори помеѓу т.н. „демократски блок“ -- Демократската партија (ДП) на претседателот Борис Тадиќ, Демократската партија на Србија на премиерот Воислав Коштуница, и Г17 Плус. Додека Коштуница дојде на премиерската позиција по вторпат, повеќето владини места ги доби ДП, најсилен член на владејачката коалиција.
Кога владата дојде на власт, Коштуница рече дека нејзините три задачи се координацијата со Хашкиот трибунал, продолжувањето на процесот на интеграција во ЕУ, намалувањето на криминалот и корупцијата и подигањето на животниот стандард. Досега таа успеа да оствари некои од овие цели.
Набргу по формирањето на новата влада, двајца бегалци што ги бараат обвинителите на ОН беа уапсени и екстрадирани во Хаг. Поранешниот армиски офицер на босанските Срби, Здравко Толимир, беше уапсен во Република Српска, додека поранешниот српски полициски командант, Властимир Ѓорѓевиќ, беше уапсен во Црна Гора. Српските безбедносни сили помагаа во двете апсења.
ЕУ, од своја страна, ги продолжи разговорите за Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) со Србија на 13-ти јуни. Преговорите беа прекинати во мај 2006 година поради недоволната соработка на Белград со Трибуналот -- особено неговото непредавање на поранешниот воен командант на босанските Срби, Ратко Младиќ.
Последниот круг од разговорите треба да се одржи во септември, но целосната соработка со Трибуналот останува услов за потпишување на ДСА. Засега Младиќ е сé уште во бегство.
Првите 100 дена на владата, исто така, ги обележа апсењето на осомничените за шверц со цигари во 1990-тите. Двајца клучни осомничени кои се сé уште на слобода се вдовицата и синот на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ.
Досега е постигнат мал напредок во подобрувањето на животниот стандард. Стравувајќи од инфлација, Народната банка на Србија мораше да воведе остри мерки, кои беа критикувани од комерцијалните банки во Србија. Цените на становите, електричната енергија, лебот и млекото скокнаа, што уште повеќе ги осиромаши домаќинствата во земјата каде што просечната месечна плата е 300 евра. Одложувањето на формирањето влада по изборите скапо ја чинеше Србија. Во политичкото превирање -- кое вклучуваше и кус ангажман на Томислав Николиќ од ултранационалистите на местото претседател на парламентот -- странските инвестиции многу се намалија и се очекува да изнесуваат далеку под цифрата од минатата година од 3 милијарди евра.
Но, на дипломатски план, администрацијата на Коштуница постигна успех. Со помош на Русија, членка на Советот за безбедност на ОН, истата успеа да ја одбегне нацрт-резолуцијата заснована на планот за статусот на претставникот на ОН Марти Ахтисари. Многумина очекуваа статусот на Косово да биде решен досега, а исход да биде меѓународно надгледувана независност. Наместо тоа, во тек е нов круг преговори.
Со оглед на тоа што Белград и Приштина се сé уште длабоко поделени, резултатот на овие разговори е нејасен. Покрај тоа, владејачката коалиција е поделена околу тоа како со ова прашање се справуваат Коштуница и неговата ДПС. Министрите од ДПС упатија обвинувања на сметка на НАТО, велејќи дека организацијата планира експеримент на градење држава во Косово. ДП на Тадиќ вели дека ваквите напади се контрапродуктивни.
Според Нада Колунџија од ДП, искористувањето на косовското прашање за партиски цели сериозно им штети на интересите на Србија. Според Колунџија, Белград треба да работи на тоа да освојува што е можно повеќе земји, а не да ги оддалечува.