Продаден албанскиот Албтелеком

19/07/2007

Две години по првичната понуда, албанското државно претпријатие за фиксна телефонија беше купено од турски конзорциум.

Од Јонилда Коци за Southeast European Times во Тирана – 19/07/07

photo

Албанскиот министер за економија, трговија и енергија, Генц Рули (десно) и претседателот на „Чалик енерји“ Ахмет Чалик, го потпишаа договорот за продажба на „Албтелеком“ минатиот месец во Тирана. [Getty Images]

Aлбанската влада му продаде 76 отсто од државното претпријатие за фиксна телефонија Албтелеком на „Чалик енерји телекомуникејшн“, турски конзорциум кој го сочинуваат „Чалик енерји“ и „Турк телеком“. Цената беше 120 милиони евра.

„Ние се надеваме дека ќе го завршиме трансферот од „Албаниан телеком“ во блиска иднина“, се вели во изјавата на претседателот на „Чалик груп“. Албанската влада вели дека крајниот рок за трансферот ќе биде во септември.

Продажбата -- кој беше завршена доцна минатиот месец -- исто така вклучува лиценца за обезбедување на трета мрежа на мобилна телефонија во Албанија. Владата ја вклучи и лиценцата во пакетот за приватизација како поттик. Сепак, од инвеститорот ќе зависи дали конкретно ќе ја изгради мрежата, што ќе се вика „Игл мобајл“.

„Албанија наскоро ќе има сериозни инвестиции во фиксната телефонија и ново претпријатие за мобилна телефонија, кое ќе гарантира конкурентност, квалитет и ниски цени“, рече албанскиот министер за економија, трговија и енергија, Генц Рули, по потпишувањето на договорот на 19-ти јуни.

„Создавањето соодветна средина за легитимна и чесна конкуренција е ветување што го даваме денес ... и тоа е, исто така, обврска кон потрошувачите и инвеститорите“, додаде тој.

Процесот на приватизација на Албтелеком траеше долго. Првичната понуда за телекомот беше издадена во мај 2005 година. „Чалик груп“ беше единствениот понудувач во тоа време, но договорот одобрен од поранешната социјалистичка влада не беше ратификуван во парламентот. Новата десничарска влада што дојде на власт во јули 2005 година ја стопираше продажбата, тврдејќи дека има нерегуларности.

Со условите на новата влада, Чалик мораше да го задржи партнерство со стратешки телеком оператор. За да го исполни условот, претпријатието формираше конзорциум со „Турк телеком“, кој има 20 отсто од акциите.

Албанската влада ќе биде претставена во надзорните одбори на Албтелеком и „Игл мобајл“ следните пет години или додека владините акции паднат на 10 отсто.

Албтелеком има монопол во фиксниот телефонски сервис, кој достигнува 33 отсто од 800.000 домаќинства во Албанија и 7 отсто од 3,6 милиони луѓе во земјата. Претпријатието моментно остварува годишен приход од 120 милиони евра.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading