16/07/2007
Одлуката на Русија за суспендирање на своето учество во спогодбата од 1990 година „Конвенционални сили во Европа“, претставува „чекор во погрешна насока“, вели НАТО.
(Еуобсервер, Индипендант - 16/07/07; AП, ДПА, ВОА, Интернешнал хералд трибјун - 15/07/07; AФП, Ројтерс, ДПА, ББС, РФЕ/РЛ, ВОА, Интернешнал хералд трибјун - 14/07/07)
![]() Поранешниот советски претседател Михаил Горбачев вели дека одлуката на Русија за суспендирање на учеството во големата европска спогодба за вооружувањето претставува „апсолутно логичен“ потег. [Getty Images] |
НАТО во саботата (14-ти јули) изрази разочарување од одлуката на Русија за повлекување од клучната европска спогодба за вооружувањето, која се смета за основен столб на безбедноста и стабилноста на континентот.
„НАТО жали за оваа одлука на Руската Федерација“, рече портпаролот на Алијансата од 26 нации, Џејмс Апатураи. „Ова претставува чекор во погрешна насока.“
Претходно истиот ден Кремлин објави одлука во која вели дека претседателот Владимир Путин потпишал декрет со кој се суспендира руското учество во спогодбата од 1990 година „Конвенционални сили во Европа“ (ЦФЕ). Руските медиуми ја цитираат изјавата според која причина за потегот се „вонредните околности ... кои влијаат на безбедноста на Руската Федерација и бараат итни мерки“, кој се очекува за 150 дена.
Спогодбата, потпишана во ноември 1990 година помеѓу НАТО и државите на поранешниот Варшавски пакт, поставува строги ограничувања на бројот на борбените тенкови, борбените авиони, хеликоптерите за напад и другото тешко вооружување што 30-те земји-потписнички може да го распоредат помеѓу Атланскиот брег и планините Урал. Пактот, кој стапи на сила во 1992 година, придонесе за значително намалување на тешкото вооружување во регионот.
Спогодбата СФЕ беше ревидирана во ноември 1999 година, неколку месеци откако некои поранешни членки на Варшавскиот пакт пристапија во НАТО. Со измените, кои ги одразуваа, исто така, промените што се случија по распадот на Советскиот Сојуз, од Русија беше побарано да ги повлече своите сили од Грузија и Молдавија.
Последната верзија на договорот досега беше ратификувана од страна на Русија и Три други поранешни советски републики. Земјите-членки на НАТО одбија да ја ратификуваат поради тоа што Русија не ја исполни својата обврска за повлекување на своите војници од Грузија и Молдавија.
Moсква отфрла каква било поврзаност помеѓу спогодбата ЦФЕ и своите трупи во двете поранешни советски републики.
Во коментарот по декретот на Путин, поранешниот советски претседател Михаил Горбачев, кој го потпиша оригиналниот документ, го објаснува потегот на Москва со нератификувањето од страна на земјите-членки на НАТО на изменетата верзија на договорот, како и со плановите на Вашингтон за градење противпроектилски бази во Полска и во Чешка.
И додека портпаролот на Кремлин, Дмитри Песков, изрази надеж дека потегот од саботата ќе ги убеди членките на Алијансата да го ратификуваат пактот, руски воен аналитичар ја опиша одлуката на Путин како „длабоко непријателски чин“.
„Иронијата е дека и покрај тоа што земјите на НАТО не го ратификуваа адаптираниот договор, сите ги следеа неговите услови“, рече Александр Голтс за Радио Слободна Еропа/Рускиот сервис на Радио Либерти. „Никој не ја преминува предвидената граница.“
Потегот на Русија се очекува да стави крај на заедничките проверки, размената на податоци за распоредувањето на оружјето и другите мерки предвидени во спогодбата. Русија би можела да го зголеми и бројот на своите војници во регионите на северното и јужното крило.
Голем број европски земји, меѓу кои и Чешката Република, Романија и некои нордиски земји, изразија разочарување во саботата од одлуката на Москва.
По состанокот на 30-те земји потписнички минатиот месец генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, ја повика Москва да не се откаже од својата обврска кон клучниот пакт.
„Јас силно верувам дека нема алтернатива за добрите и здрави односи помеѓу Русија и НАТО, бидејќи НАТО не може да опстане без својот важен партнер Русија и мислам дека можам да кажам оти и Русија не може без НАТО“, рече тој.